Од:

Според САД, шега е тврдењето на Москва дека го убила портпаролот на ИД

Тврдењето на Москва дека таа стои зад смртта во Сирија на вториот човек на терористичката организација Исламска држава (ИД) и нејзин портпарол Абу Мухамед ал-Аднани е “шега”, изјави денес висок претставник на американската одбрана.

Бомбардирањето кое го уби Абу Мухамед ал-Аднани било дело на американски дрон Предатор, додаде овој функционер.

Денес Русија изјави дека го убила Абу Мухамед ал-Аднани во авионски напад. Според Москва, овој човек бил дел од група на 40 борци на ИД убиени во вторникот од рускиот бомбардер Су-34 блиску до селото Ум Хоч во регионот на Халеп на северот на Сирија.

“Помеѓу ликвидираните терористи се наоѓаше и воениот шеф Абу Мухамед ал-Аднани, познат како портпарол на ИД”, соопшти руското министерство за одбрана.

Подоцна Пентагон тврдеше дека меѓународната коалиција предводена од САД, извела авионско бомбардирање чија цел бил токму Абу Мухамед ал-Аднани.

Овој шеф на џихадистите, за кој западните разузнавачки служби тврдат дека е “министер на терористичките напади” на ИД, стана познат со тоа што ги мотивираше приврзаниците да влезат во терористичка акција во земјите во кои живеат со било кое оружје како камен, нож или автомобил. Според некои извори, овој човек ги охрабрил терористите да го извршат нападот во Париз на 13 ноември 2015 година.

Од пред една година Русија води воена кампања за поддршка на силите на Башар ал-Асад и бомбардира во околината на Халеп.