Од:

Средба Заев-Бартол: Приоритет на новата влада ќе биде членство во НАТО

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од генералниот секретар, Оливер Спасовски денеска се сретна со шефот на НАТО канцеларијата во Македонија, Горазд Бартол.

Тема на разговорот бил процесот на формирање на новата Влада и потребните реформски процеси за да се отворат перспективите кон ЕУ и НАТО.

„Приоритет на новата реформска Влада ќе биде членството во НАТО“, соопшти претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Заеднички било оценето дека е од голема важност демократскиот развој на земјава.

-Имаме парламентарно мнозинство од 67 пратеници, кое што има, не само право, туку и обврска да избере претседател на Собранието и да овозможи да се формира новата Влада, согласно мнозинската волја на околу 700.000 граѓани. Затоа очекуваме во брзо време да биде избран новиот собраниски претседател, кој ќе го извести претседателот Иванов дека е должен да го даде мандатот, а потоа ќе се пристапи и кон формирањето нова Влада, најавил претседателот на СДСМ.

Честитајки го 4 април, денот на НАТО, претседателот на СДСМ додал дека новата Влада ќе биде силно посветена на реформите, како од НАТО агендата, за поголем буџет на одбраната, така и кон обезбедувањето правна држава, независно судство и развој на Македонија во фактор на стабилност во регионот.