Од:

Средношколците излегоа на протест и во Делчево

Протестот на средношколците продолжува активно низ цела Македонија. Во моментов средношколци во Дечево низ улиците со транспаренти и свирежи го искажуваат револтот од актуелните и според нив лоши реформи во средното образование,а НОВА дознава дека протест се организира за неделава и во Тетово.

Со транспарентите „Не полагавте екстерно, а сега сте министри,Зошто ние да полагаме?“ и „Стоп за лошите реформи“, учениците од Делчево нагласуваат дека се против воведувањето на математика како трет задолжителен предмет при полагање на државната матура.

-Протестот е организиран за да го искажеме нашиот револт контра математика, бидејќи не му оди на секој ученик овој предмет, а на крај ќе има последици со финалните поени од државната матура по тој предмет. Апсурдно е да полагаат математика средношколци кои сакаат да се запишат на Правен факултет, на Историја или слично. Затоа овие реформи мора да запрат, изјави за НОВА средношколката Катерина Сопаловска од Делчево.

За утре со почеток од 12:00 часот од пред медицинското училиште „д-р Јован Калаузи“ и во Битола ќе биде одржан првиот средношколски марш. Средношколскиот пленум има две барања: – укинување на екстерното тестирање; – враќање на стариот модел на државна матура и излегува на марш затоа што истите беа игнорирани од Министерството за Образование и Наука.

Во меѓувреме, претставници на Средношколскиот пленум поднесе лично поднесоа барање до Министерството за образование и наука и до Бирото за развој на образованието за законските одредби за екстерно тестирање да се стават во мирување.

„Екстерното тестирање е спротивно на европските образовни стандарди, неспроведливо е, и е дел од „реформи“ кои само ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми во државава! Континуираната проверка на знаењето и способноста на ученикот низ целата школска година не може, и не смее да се изедначи со проверката преку екстерното тестирање, која трае само неколку часа.

Поради тоа, Средношколскиот пленум бара одредбите од Законите за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното тестирање, итно и неодложно да бидат ставени во мирување! Понатаму, повикуваме на влегување во сеопфатна дебата, заснована на аргументи поткрепени со податоци и факти, со јасен концепт за очекуваните резултати и начинот на кој истите ќе бидат спроведени. Дебата во која ќе бидеме вклучени ние, учениците, како и наставниците, кои го сочинуваат столбот на образовниот систем не само во нашата, туку во која било демократска држава“, стои во барањето на Пленумот.

НОВА побара од министерството за образование да се изјаснат дали министерот Адеми е запознаен дека средношколците во повеќе градови протестираат, дали ќе постапи по нивните барања и дали ќе отвори сеопфатна дебата околу реформите во основното и средното образование. Одговор на нашите прашања од ресорното министерство сè уште нема.

Освен средношколците, и наставниците од Наставничкиот пленум бараат повлекување на измените во законот за средно образование.