Од:

Цела Европа се тресе од студ

Целиот европски континент деновиве мрзне на поларни температури.

На Балканот Босна и Херцеговина го држи рекордот на најстудено време оваа зима со минус 27 степени на планините.

Јадранот исто така е фатен од студот особено во Сплит каде температурата паднала на минус 7, најниска во последните 50 години.

Десет лица го загубија животот во Полска каде температурите паднаа на минус 20 во некои региони, јави Центарот за национална безбедност. Прогнозата најавува дека истите температури ќе се задржат и во наредните денови во овој дел на Европа. Полицијата ги повика граѓаните да им помогнат на лицата без дом кои можат да починат од хипотермија.

Во Москва беа измерени минус 30 степени во текот на ноќта а според агенцијата РИА ова бил најстудениот Божиќ во последните 120 години.

Во Санкт Петерсбург едно лице почина од хипотермија.

Студот и снегот стасаа и во Турција и го парализираа Истанбул. Стотици летови беа откажани поради снежната бура а метеоролозите најавуваат дека студот ќе продолжи во наредните денови.

Во Бугарија телата на двајца нелегални мигранти од Ирак беа откриени смрзнати во петокот во една шума во близина на турската граница.

Студи и во Грција. Во Атина температурата остана на нула а на северот на земјата беа измерени минус 15 степени. Грчките власти најавија дека минатиот месец сите бегалци ги сместиле во монтажни куќи и шатори во кои има греење.

Во Швајцарија во селото Ла Бревин на 1000 метри надморска висина беа измерени минус 30 степени. Ова село го држи рекордот на најстудено време во Швајцарија кога на 12 јануари 1987 година беа измерени минус 41,8 степени.

И во Германија беа измерени минус 26 степени во Баварска.

Според метеролозите оваа студена фаза ќе трае до недела поради студените бранови кои доаѓаат од Скандинавија и се движат кон источна Европа.

Има и една добра вест која се однесува на лозарите од Бадeн Вуртенберг на југоисток на земјата. Тие денес ја завршуваат бербата на смрзнатите гроздови на «пино нуар» кои се користат за производство на посебен тип вино. Бербата се одржала на минус 11 степени. За овие лозари бербата е успешна и виното ќе биде добро токму поради поларните температури.