Од:

Студените раце на Заев

 

Ги гледам и прегледувам сите оние таканаречени патриотски здруженија, кои велат дека со насилни и ненасилни средства ќе ја бранат Македонија, втренчено ги гледам како со вжарени глави се чукаат во градите, не ја давале татковината, најмилото, најсветото, туф, туф, туф.

И повторно ги читам и препрочитувам соопштенијата, анализите, апелите, загриженоста, опасностите со кои сме биле соочени од овие таканаречени патриотски здруженија, кои се обединија во некаков Македонски национален фронт, бре, бре, бре.

Така, попатно ги мерам и премерувам багерите, мотките и солзите за опасноста од бинационалната Македонија, кои се исфрлаат при секој протест на овие таканаречени патриоти, со црни маици, златни ланци, по некоја брада и тетоважа, како само да излегле од затворска келија, со едната нога уште во неа, со другата како да се подготвени пак да се вратат онаму каде што припаѓаат.

Ги студирам и разбиструвам очите за сите чудовишни информации за паравоени сили, сите тие силни стратегии, тактики, методи како да се спречат, да се разбистри умот, да се протресат овие горостаси по рамењата, покриени со маиците испечатени со ликот на Тодор Александров, нивниот војвода, татко, соборец, господар и бог… понатаму е здодевно да се куцкаат букви и да се додаваат титули на александровштината, сеедно дали доаѓа од антички размери или од топлата бугараштина со која се покриле и задремале низ вековите овие негови наследници.

Бесмислено се поминати и потрошени сите часови тескобни анализи и длабокоумни и патетични стратегии како да се спречи злокобноста на времето, а тоа исто време не навјасало одамна и само тоа го диктира својот распоред на потрошеност, и дајте да му признаеме, тоа е залудност од лелекања по него.

Не се преживуваат и мудрувањата на аналитичарите, кои за да ја доловат сериозноста на ситуацијата инсистираат на замислен поглед некаде во далечината, онаму, о поету, онаму,  каде што со медитација (како да сме хипи-комуна, богати) се повикува некоја сила да се појави и да го врати мирнодопското време, од времето на Тито, веројатно, кога Голи оток му беше кратката постапка за предавниците и мајчините непослушници.

Дозлогрдени ми се хистеричните повици за ѓаволот кој ја однел шегата, пренапорен станува дури и делот од секунда посветен на овие тврдокорни, иронијата е што и премногу не потрошивме време, нерви и мир и спокојство, затоа што никогаш и ги немавме, па одат без да не потсетат на библискиот потоп кој ни следувал со и без нив.

Ситуацијата е јасна- сите овие таканаречени патриоти кои се величаат од перата на нивните идеолози, не постојат, затоа што се измислени. Во лабораторијата на Груевски тие се изданок, мал и -непромислен, тоа да, но во основа валкан и безочен експеримент. Тој ќе исчезне и ќе се растопи во оној момент, кога нивниот татко, Груевски, ќе добие доволно време и гаранции дека чојата на преговарачката маса е испеглана и време е да седне на неа додека не ја стегне раката со Заев и двајцата, не само тој, не се согласат на компромис.

Ричард Холбрук и Слободан Милошевиќ

Да не заборавиме, и кон Милошевиќ беа пружани раце, од неговите течеа капки пот, премрзнати беа оние кои му пружаа рака, но, времето ги прегазуваше, ги следуваше, мораа понатаму. Замрзнати беа рацете од другата страна, тој се стресуваше, но сепак се пружаа тие студени раце кон него, очајни беа за ставање крај на агонијата, ќе стореа се, дури и да му пружат рака полна со мраз. Давани се гаранции, ставани се потписи, неговите раце понекогаш застануваа и на градите, кон срцето, колку подраматично, толку повеќе испратени со потсмешлив поглед од другата страна.

Во тој момент, тоа беше единствен начин, решение, излез, се мразеа самите себеси, но кога мораше, студените раце на Милошевиќ му се пружаа. За среќа, се се менува и никој повеќе не се ни сеќава какви тоа   гаранции добивале  политичарите за своите судбини. Особено не се сеќаваат оние кои им ги давале тие великодушни гаранции, за што Милошевиќ и најмногу липаше оние денови, во затворската ќелија, кога немаше кој да му потврди дека воопшто и му ги пружиле студените раце, само  да дојде до компромис, да заврши се, за да заврши тој.

Фото прва слика: Радио Слободна Европа



Comments are closed.