Од:

Студот одзема три животи, отсечени села, цели градови без вода

Студот и екстремно ниските температури одземаа три животи во Скопје, Струмица и Пехчево. На удар се бездомниците кои тешко ги издржуваат поларните температури. Само ноќеска имало осум јавувања од граѓани кои пријавиле бездомни лица. Четворица од нив биле сместени во топли простории, а на другите четворица кои не сакале да ги напуштат засолништата им биле однесени ќебиња, топла облека и храна. Во текот на ноќта засолниште побарало уште едно социјално загрозено семејство кое немало дом, потврдија за НОВА од Црвениот крст на град Скопје.

Во текот на овие студени денови кога температурите паднаа на 20 степени под нулата,  згрижени се вкупно 97 луѓе кои немаат дом или живеат во импровизирани живеалишта. Во Црвениот крст велат дека постојано с е на терен за да ги лоцираат бездомниците и старите беспомошни лица, со цел да им помогнат.

„Досега  се згрижени 97 луѓе во интернатите „ Ранка Милановиќ“ и „25 Мај“. Девет луѓе се сместени во изнајмени соби. Нашите волонтери се постојано на терен. Ги сместуваат бездомниците, а на тие што не сакаат да ги напуштат своите засолништа им се носат, ќебиња, перници, топла облека и храна“, изјави за НОВА, Сузана Тунева од Црвениот крст на град Скопје.

Во Скопје се регистрирани 148 бездомници. Низ другите градови има регистрирано 15 бездомни лица. Од Црвениот крст велат дека и за нив се обезбедува простор во некои од интернатите или топла соба под закуп на два месеца. Така во Штип и Битола се згрижени по еден бездомник, во Свети Николе двајца,  а во координација со Центрите за социјална работа се прави напор да имс е помогне и на другите.

Освен Црвениот крст и социјалниот центар „Дуња“ и повеќе волонтери се вклучени во пронаоѓање на стари и беспомошни лица и бездомници. Тие собираат донации во ќебиња, топла облека и храна. Веќе пронашле неколку бездомници кои спијат по урнатини, на паркинзи, некои под шатори.  Центарот „Дуња“ ги отвори вратите на своите простории за сместување на луѓе на кои што им треба засолниште од студот. Центарот се наоѓа на улица„Рајко Жинзифов“ број 22 . Од денеска и Јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар отвори преноќувалиште за бездомни лица кое што ќе функционира за време на екстремно ниските температури. Граѓаните можат да се јават на телфонскиот број 070 227 901 и да пријават бездомно лице, на кое ќе му биде пружена помош.

Покрај најавените поларни температури и снегот, надлежните не се покажаа ефикасни во расчистувањето на снегот, така што има неисчистени патишта, дел од населбата Аеродром, Кавадарци и Неготино останаа без вода поради замрзнати и испукани цевки.

Многу села останаа отсечени од високите наноси на снег и неисчистените патишта. Во регионот на Скопје отсечени се селата во близина на Чучер Сандево, Брест, Малино и Танушевци, како и селото Летевци во близина на Петровец , а неисчистен е и патниот правец кон село Пагаруша.  Отсечени и завеани села има во регионите на Штип, Велес, Куманово, Кратово, Македонски Брод, Охрид. Од  Центарот за управување со кризи велат дека досега немало пријава за итна потреба од медицинска интервенција. Од таму информираат дека во секое село имаат лице за контакт, а досега не биле побарани лекови, помош од лекар или потреба од намирници.