Од:

Судијка Оља Ристова: Смените во судството се удар за СЈО

Судијката Оља Ристова е една од ретките храбри судии кои говорат за партизацијата во судството, притисоците врз судиите кои соработуваат со СЈО, како и за Сваровски судството

Биљана Секуловска, НОВА: Судијке Ристова, два пати бевте деградирана, всушност казнета – од Кривичниот суд сте преместени во Судот за прекршоци. Дали отворено ви беа кажани причините за смените?

Оља Ристова, судијка: Причините за моето прераспоредување не ми беа отворено кажани, но од развојот на настаните во тој период очигледно се стекна впечаток дека смените и прераспоредувањата се длабоко поврзани со актуелните состојби, бидејќи на удар се најдоа судии кои имаа поинакво правно мислење од тогашниот Претседател на судот Владимир Панчевски.

Секуловска: Дали според овие образложенија зошто сте сменети, значи дека стои политичка заднина?

Ристова: Одлуката за годишниот распоред за 2017 година, сеуше не сум ја примила и не знам дали има образложение, но би било многу наивно да помислам дека зад ова нема политичка заднина, бидејќи за неполна година веќе третпат сум прераспоредена во други оддели, односно деградирана, без да се има предвид дека во периодот од 2009 година до декември 2015 година работев како судечки судија во Одделот кривично полнолетни, за што имам остварено одлични резултати, чија евиденција се наоѓа во Судскиот совет на РМ, бидејќи според податоците со кои располага истиот јас по квантитет и кавлитет бев помеѓу првите десет судии во Република Македонија во кривичниот оддел.

Прв пат бев прераспоредена со годишниот распоред за 2016 година од судечки судија од Одделот кривично – полнолетни во Одделот прекршоци- сообраќај, каде беше образложено дека бил зголемен приливот на предмети во Одделот за прекршоци – сообраќај.

Како причина за моето прераспоредување во овој случај, сметам дека беше моето правно мислење за предметот за “издвојување на бомбите како доказ во кривичната постапка“ , кога заедно со уште две колешки бев повикна во канцеларијата на тогашниот претседател на судот, каде изјавив дека Основниот суд Скопје 1 Скопје согласно законот не е надлежен да одлучува во овој предмет, а бидејќи претходно Апелациониот суд се огласи исто така за ненадлежен, предметот треба да биде испратен по судир на надлежност во Врховниот суд на РМ.

Моето мислење очигледно не беше прифатливо, бидејќи претходно претседателот изјави дека “од горе“ било кажано одлуката веднаш да биде донесена, по што претседателотна судот го заврши состанокот и за кратко време, тој во својство на претседател на совет, заедно со судијата Сандра Крстиќ и Александар Милошески донесоа одлука со која се потврди првостепената одлука за издвојување на овие докази, која во прв степен беше донесена од судијата Славјанка Јанковска. За ова прераспоредување го известив и Судскиот совет на РМ, но и по една година немам добиено никаков одговор.

Единствена причина за моето последно прераспоредување ја гледам во постирањето на јавни статуси на Facebook од страна на мојот брат Боби Илиевски кој е отворен критичар на власта, кој има над 7000 пријатели и следбеници, а за кои ставови и мислења бев повикана од поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски, со барање мојот брат повеќе да не пишува за состојбите во судот, бидејќи тоа би се сфатило дека јас ги давам информациите.

Последниот негов ФБ статус во врска со судот, непосредно пред донесување на новиот годишен распоред, за кој се чекаше два месеци, се однесуваше на поведени постапки за разрешување на 20 судии од Кривичниот суд каде потписник е актуалната ВД Претседателка Татјана Михајлова во кординација со поранешниот претседател Панчевски.

Секуловска: Дали се политички мотивирани и другите смени во судовите?

Ристова: Дали креаторите на овој годишен распоред имале заедничка стратегија со луѓето од актуелната политичка сцена, сега и во минатото, јас тоа не знам, но очигледни се актуелните трендови на буквална пресметка со голем број на судии од кривичниот суд, помеѓу кои има и такви кои постапувале по предметите на СЈО, а кои очигледно имаат различно правно мислење од актуелното раководство на Кривичниот суд.

Дека зад сето ова стојат скриени намери и мотиви и добра координација на креаторите, говори и фактот што непосредно пред објавувањето на годишниот распоред против мене е поднесена претставка до Советот за утврдување на факти, која во ист ден од страна на ВД Претседателот Татјана Михјалова е проследена до Советот со писмен допис со кој се влијае на одлуката, на начин што ВД Претседателот констатира дека е сторена повреда од судијата и бара итно постапување, со што се прејудицира одлуката.

Претставката е прифатена истиот ден и проследена на понатамошно постапување. Претставки непосредно пред објавувањето на годишниот распоред за 2017 година добија и други судии кои се исто така прераспоредени спротивно на нивната волја во други оддели, што е спротивно на законот за Судови, Уставот на РМ и меѓународните стандарди и препораки за распоредување на судии.

Секуловска: Дали сметате дека со ваквите смени во судството директно се попречува работата на СЈО?

Ристова: Имајќи ги во предвид кадровските промени во судот со кои сте судии за кои постои претпоставка дека се независни во постапувањето и не може врз нив на било кој начин да се влијае при донесувањето на одлуки, односно така наречените “непослушни судии“ се распоредени во оддели во кои СЈО не може да поведе постапка, тоа е единствениот логичен заклучок. Смените во судството се удар за СЈО.

Секуловска:  Дефиницијата за Сваровски судството е симбол на коруптивно, и оттука послушничко судство. Дали мислите дека формирање на Специјален кривичен суд би бил најдоброто решение за функционалност на СЈО, кое се соочува со опструкции и со судовите, освен со останатите институции?

Ристова: Сметам дека е доволно формирање на специјално судско одделение, а не на Специјален суд, што би било во рамките на Уставот и позитивните прописи, како и дека во Кривичниот суд во Скопје и другите судови во Република Македонија има судии за кои верувам дека можат да бидат дел од тоа судско одделение и кои несомнено би го спроведувале правото, потполно независно, непристрасно и надвор од било какви политички влијанија.

 

 



Comments are closed.