Од:

Судскиот совет ја повторува постапката за разрешување на Митриновски

Две години по добиената пресуда од Стразбур, разрешениот судија и поранешен претседател на Апелациониот суд во Скопје, Јордан Митриновски, во понеделник треба да се појави пред Судскиот совет заради  повторување на постапката за негово разрешување, потврди за Макфакс претседателот на Сускиот совет, Зоран Караџовски.

По барање на Митриновски седницата е отворена за јавност.

Митриновски за агенцијата изјавил дека Судскиот совет не може да води постапка против него и постапката треба да ја запре, бидејќи, како што вели, не само што не е надлежен, туку туку не смее да носи одлука на негова штета откако Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во негова корист. И дополнително, бидејќи е во пензија и не е веќе судија, Судскиот совет не може да води постапка против него.

Но, бидејќи пресудата во Стразбур не била извршена во целост и по повеќе од две години, Митриновски се обратил и до Комитетот на министри со објаснување на неговиот случај.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур на 30 април 2015 година ја прифати жалбата на Митриновски против Македонија бидејќи оцени дека бил разрешен од функцијата претседател на Апелациониот суд во постапка која не обезбедила фер и правично судење.Исто така, беше утврдено дека Судскиот  совет не бил „непристрасен и независен“ во неговиот случај. На разрешениот судија му беа доделени 4.000 евра како нематеријална штета, како и 1.230 евра  за трошоци во постапката.

Митриновски беше разрешен во 2011 година поради одлуката на советот со кој тој претседавал да го пушти во домашен притвор тутунскиот бос Бајруш Сејдиу.По барање на државниот јавен обвинител,Кривичниот суд на Врховниот суд со кој претседаваше тогашниот и сегашен претседател на највисокиот суд, Јован Вангеловски, го укина притворот.Веднаш потоа Вангеловски поднесе претставка со која бараше разрешување на Митриновски, но по функција учествуваше и во работата на Судскиот совет, кој го разреши.