Од:

Сведочење: Ниту Русите работеле за Трамп, ниту Обама го прислушувал

Директорите на Федералното истражно биро (ФБИ) и Националната безбедносна агенција (НСА) изјавија дека не нашле ниту еден доказ дека руските разузнавачки служби менувале резултат на гласовите во одредени американски држави.

Тие денеска сведочат пред Конгресот на САД за потенцијалните врски на американскиот претседател Доналд Трамп со Русија и неговите тврдења дека го прислушувал поранешниот претседател Барак Обама.

Директорите на ФБИ и на НСА Џејмс Коми и Мајк Роџерс за првпат зборуваат јавно за овие две прашања, кои ја окупираа американската јавност претходните недели.

Роџерс и Коми рекоа дека немаат никакви докази дека Русите го хакирале системот и менувале гласови во американските држави Охајо, Мичиген, пенсилванија, Северна Каролина, Висконсин и Флорида.

Тие рекоа дека истрагата за врските меѓу соработниците на Трамп и на Русија се уште трае.

Коми изјави дека испитувањето „вклучува истрага на природата на какви било врски меѓу поединци поврзани со кампањата на Трамп и руската Влада и тоа дали постоела каква било координација меѓу кампањата и напорите на Русија“.

-Бидејќи се работи за отворена истрага која е во тек и под знак на тајност, не можам да кажам ништо повеќе за тоа што работиме и чие однесување истражуваме, рече Коми.

Роџерс и Коми прво објаснија дека во тек е темелна истрага и истакнаа дека некои детали нема да пречи да се објават.

На почетокот на излагањето, претседавачот со американскиот конгресен Комитет за разузнавачки прашања Дејвид Нунес рече дека не се пронајдени докази дека кој да е од администрацијата на Обама го прислушувал Трамп во текот на неговата кампања.

-Во случајот со Кулата Трамп немало прислушување. Меѓутоа, можно е дека други активности на следење во случајот со Трамп и неговите соработници постоеле, рече републиканецот Нунес.

Потоа членот на Комитетот Адам Шиф почна со излагањето на наводните врси на Трамп и членовите на неговата кампања и администрација.

Тој ги обвини руските разузнавачки  служби за хакирање и мешање во американските избори и говореше за тоа како руските државни медиуми ширеле приказни од кои Трамп профитирал.

Коми и Роџерс сведочат пред Комитетот за разузнавачки прашања на Претставничкиот дом на САД на сослушувањето, во текот на кое се испитува вмешаноста на Русија во предизборната претседателска кампања во САД во 2016 година.