Од:

Светот со олеснување му честита на Емануел Макрон

Од дописникот на НОВА од Париз, Биљана Секуловска

Олеснувањето по победата на Емануел Макрон го преполни Париз- ноќеска целиот град беше преполн со задоволни, среќни луѓе кои мавтаат со знаменца низ улиците, кафеаните, метроата. Дури и самиот Макрон во победничкиот говор им порача дека мислеле дека е невозможна неговата победа:

-Вечерва вие победивте, Франција победи. Сите велеа дека е невозможно, но тие не ја знаат Франција.

Такво задоволство покажуваат и европските лидери, кои експресно реагираат- шефот на Европската комисија Жан- Клод Јункер твитна дека е среќен што Французите одбраа европска иднина, додека канцеларката Ангела Меркел изјави дека победата на Макрон е победа за силна, обединета Европа.

Доналд Трамп преку омилената, вообичаена комуникација- на Твитер, му честиташе и му порача на Макрон дека едвај чека да работи со него. Но, Најџел Фараж, кој ја поддржа Ле Пен за Елисејската палата најавува неуспех, дека 5 години неуспех ќе донесе Макрон.

Сепак, останува горчината од приврзаниците на Марин Ле Пен, екстремната десничарка за која третина го дадоа својот глас и конечно, не смее да се заборави апстиненцијата, историска во оваа земја, која покажа и резервираност и несогласување со двајцата кандидати.

Тоа се идните предизвици со кои ќе мора да се борат и Макрон и Ле Пен на следните, парламентарните избори. Франција за која говори Макрон кога ја образложува својата победа е онаа која е темел на демократските вредности, но прашањето како тероризмот, емиграцијата, стравот од окупација на некои непознати, други вредности ги принудија Французите да се сомневаат во сопствената иднина и затоа и таа третина се одлучи за Ле Пен, како и за пасивност и бојкот на изборите.

Затоа, 11 и 18 јуни се важни датуми за Французите, кои повторно на парламентарните избори ќе покажат за каква иднина сонуваат- онаа со европски, демократски вредности или пак изолација, ксенофобија и страв, она што го нуди Марин Ле Пен.

Макрон ги фрли на колена традиционалните партии, но всушност тој се доживува како продолжение на мејнстрим политиката, многу повеќе лево, иако е центрист. Ветува големи промени во политиката на работната сила и оданочување, но останува со циментиран став кога станува збор за членството во ЕУ и еврото.

Европа сега повторно ќе мора да ги отвори очите за докрај да ја моделира својата иднина, но вниманието е свртено и во друг правец освен во јунските француски избори. Тука се и изборите и во Германија, како и преговорите за Брегзит со Британија, и токму затоа неизвесноста дали демократијата ќе прогласи триумф останува да виси над Европа.

Младиот Макрон

Макрон во театарската претстава, каде професорката му е денешната сопруга