Од:

„Свиркачите“ не се популарни на Балканот, во Македонија уште помалку

„Свиркачите“ или укажувачите на корупција не се многу популарни во земјите од регионот на Западен Балкан, при што Македонија е на дното од листата – покажа истражување спроведено во седум земји врз 7.000 испитаници, поддржано од Регионалниот совет за соработка (РСС) со седиште во Сараево.

Истражувањето, прво од ваков вид, е спроведено во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора, а резултатите покажале дека само нешто над половина од граѓаните ги поддржуваат укажувачите.

Во просек, секој шести граѓанин од земјите од регионот мисли дека укажувачите треба да се казнат, а во Македонија дури секој трет испитаник смета дека укажувањето на корупција и криминал неприфатливо и таквите лица заслужуваат казна.

Македонија, иако има еден од најсеопфатните закони за заштита на укажувачите споредено со земјите од регионот, има најмала поддршка за нив. Само 41, 4 отсто од граѓаните сметаа дека „свиркањето“ или укажувањето на корупција и криминал е прифатливо, додека 30,4 отсто сметаат дека тие лица треба да бидат казнети, дури и ако откриваат сериозни неправилности. Нешто над 28 отсто не знаеле или не сакале да одговорат на прашањето.

На ниво на компании или организации и институции, поддршката е уште помала. Само 36 отсто сметаат дека се чувствуваат повикани да пријават ако увидат криминал или корупција, што е далеку под просекот во регионот, соопштија истражувчите.

Регионалниот совет за соработка (РСС), објавувајќи ги денеска податоците соопшти дека анализата покажала дискрепанца помеѓу високата загриженост за состојбите со криминалот и корупцијата и релативно слабата поддршка за укажувачите на ваквите состојби.

„Корупцијата и неефикасноста за нејзиното решавање и натаму се причина за голема загрижност во општествата во ЈИЕ, но, како што покажа истражувањето, тоа се уште не се трансформирало во поддршка на јавноста кон укажувачите“ – изјави експертот за реформа на јавната администрација и борба против корупција при РСС Раду Котику.

„Свиркањето“ или укажувањето се смета за еден од најефикасните алатки за борба против корупцијата и организациите како што се Советот на Европа или Канцеларијата на ООН за борба против наркотици и криминал имаат изготвено меѓународни стандарди за оваа област, додека повеќето од земјите од ЈИЕ веќе имаат донесени и закони за заштита на „свиркањето“, објасни експертот на РСС.