Од:

Тагата на актерот Владо Јовановски

Не, Владо Јовановски никогаш нема да биде Мето Јовановски. Кога сме веќе кај талентот.

Сепак, ова не е аргумент за амнестија на актерот Владо Јовановски. Конечно, историјата познава и многу големи уметници кои преминале во мрачните канализациски тунели, затоа што се чувствувале многу повеќе како валкани стаорци и затоа и уживале во помислата дека само во тоа друштво е можно да припаѓаат.

Не се воопшто наивни ниту пак невини заканите на актерот Владо Јовановски- повикувањето на војна, мавтање со пластични експлозиви и слични буриња барут, само заради несогласување со опозициските политики, акцентирајќи ги оние на Заев.

И не се согласувам со тезите дека  актерот Јовановски и не е воопшто важен, затоа што постои и такво мислење- дека глумците и не биле значајни, влијателни и моќни да креираат политики или јавно мислење. Напротив, уметничките имиња имаат секогаш огромна моќ, не велам најголема, но сепак- да мобилизираат, регрутираат, ослободат и кренат милиони и милиони заробени и изгубени нивни следбеници, да ги следат и залудат во ставовите, идеите и патиштата, макар се погрешни и ужасни, понекогаш и убиствени.

Црната предавничка листа на Холивуд

Затоа, би сакала сега да се вратиме на 20 октомври, 1947 година, кога започнува да заседава Комитетот за неамерикански активности, во зачетокот на ерата на анти-комунистичката параноја во Америка. Тоа е време после Големата депресија- кога голем број од интелектуалците сметаат дека Комунистичката партија е еден вид алтернатива на капитализмот.

Повикани се на суд повеќе од 40 актери, писатели, режисери, продуценти, директори на студија. Од нив е побарано да ги кажат нивните сомнежи, да испорачаат имиња, да запишат се што знаат за холивудските комунисти.

Наспроти нив, 80 големи ѕвезди, меѓу кои Џон Хјустон (подоцна го менува ставот), Лорин Бекол, Хемфри Богарт и др., потпишуваат петиција, осудувајќи го Комитетот дека е тој всушност оној кој е неамерикански.

Но, некои од нив, како Роналд Реган и Волт Дизни, со задоволство стануваат пријателски сведоци на Комитетот.

Сведочењето на Роналд Реган

Реган сведочи дека мала клика на комунисти се обидела да има разорно влијание врз Здружението на актерите. Волт Дизни вели дека е особено чувствителен на “Црвената опасност” и наведува имиња за кои знае или се сомнева дека се комунисти.

Сведочењето на Волт Дизни

Десет сценаристи и режисери одбиваат да сведочат- се повикуваат на Првиот амандман на Уставот на САД, кој гарантира слобода на говор и здружување, да се припаѓа на која било политичка организација, според сопствен избор.

Тоа се славните Холивудски десетмина. Сите се писатели- сценаристи, освен еден- Едвард Дмитрик е режисер.

Сите одат во затвор по една година, заради непочитување на судот- откако одбиваат да одговорат дали имаат или имале врски со Комунистичката партија.

Протест на холивудските десетмина со нивните семејства

Оној единствениот кој не е писател, Дмитрик, подоцна се кае за молчењето и почнува да соработува со истражните органи. Ја дополнува црната листа, онаа смртна пресуда на Холивуд, која уништи стотици кариери. Им беше забрането да работат- да пишуваат, да глумат, да режираат и да живеат. Бројката со која се оперира е 3000 луѓе.

Право на умот

Ниту едно име не е заборавено- сетете се на Сенаторката Маргарет Чејс Смит, која го осудува Мекартизмот и се повикува на базичните принципи на американизмот во нејзината “Декларација на совест”: “Право да се критикува. Право да се имаат непопуларни верувања. Право на протест. Право на независна мисла”. Елмер Дејвис, еден од најпочитуваните новинари во тоа време, предупредува дека во прашање е “слободата на умот”.

Актерот Владо Јовановски на секое ова право би му објавил војна. Во паузата меѓу две фантазии за војна, нека ги посоветува архивите за последните денови на сенаторот Џозеф Мекарти. За да се дознае што бил некој и што сторил,  нека бидат и децении подоцна, можеби и цел еден век-  тагата после неговото заминување, најдобро говори за тој човек.