Од:

Таргетирано велепредавство

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Ги слушам провладините медиуми како сеат страв и трепет дека Македонија ќе ја снемало, дека катастрофата за оваа земја ќе настапи дента кога опозицијата би дошла на власт, дека најлошите соништа на македонскиот народ ќе станале реалност заради фактот што лидерот на најголемата опозициска партија одлучи отворено да зборува за некои работи, како што е на пример службената употреба на Албанскиот јазик, унапредувањето на положбата на другите етникуми во земјата, како и редефинирањето на односите помеѓу различните етникуми кои живеат во оваа држава.

Критиките кои кон него се адресираат од страна на разни “аналитичари” јасно укажуваат на добро организираниот линч кој се сака да му се изврши, претставувајќи го истиот како предавник на македонските национални интереси. Впрочем јасна е целата реторика која се употребува во оваа предизборие од владејачката партија која се труди со сите сили да ја задржи предноста во бројки која ја има долго време, а која како што слушнавме во Титаник, многу често ја обезбедувала според некои нелегални и многу проблематични методи. Според таа реторика Македонците треба да се плашат и да бидат застрашени од можноста Албанскиот јазик да се употребува како службен, треба да бидат тероризирани од можноста на унапредување на меѓуетничките односи и меѓуетничката толеранција во земјата, треба да бидат запрепастени од можноста Албанците да бидат носители на високи јавни функции во оваа држава. Тоа според таа реторика би бил крај на светот. Таа реторика оди и чекор понатаму, и тврди дека чита меѓу редовите во тоа што го зборува Заев, па така, го убедува народот дека во неговите обраќања и говори, треба да ја “долови” неговата “очигледна” намера за кантонизација и федерализација на државата, поделба на државната територија, размена на териториите со други соседни држави и и што се друго. Се чудам од каде произлегува тоа екстензивно и крајно злонамерно креативно толкување на зборови кои едноставно повикуваат на подобро заедничко живеење во оваа држава! Се чудам, како службената употреба на Албанскиот јазик автоматски значи кантонизација и федерализација, како тоа реалната поделба на власта и заедничкото државно работење се поистоветува со поделба на државата и размената на територии. Како тоа се поистоветуваат и се презентираат како заеднички работите кои немаат никаква меѓусебна врска?!

Од друга страна, ме чуди уште една работа. Како е можно владејачката партија и нејзините мегафони толку јасно да ги идентификуваат сите горенаведени работи во ставовите на опозицијата, а да се однесуваат како слепи па да не го видат “слонот во собата”? Како тоа тие мегафони никогаш не се впуштаат да коментираат нешто во однос на тоа што сите јасно го слушнавме во прислушуваните материјали? Како така замижуваат и ги покриваат ушите пред толкав криминал кој јасно се слуша и се гледа во сите досега покренати истраги од СЈО? Сите коментари во однос на тие разговори се сведуваат на реченицата “Не коментирам неовластено прислушувани материјали.” И тоа е се. Не е битно што таму јасно се слуша за секаков вид на висок криминал. Материјалната, очигледна и очебијна вистина не е битна. Битно е дека тие биле неовластено прислушувани разговори, па така кон нив ќе имаме однос на широко затворени очи, уста и уши. Битно е тоа што Заев не го кажува, не е битно тоа што Груевски го кажал и сите сме го слушнале. Тоа било сечено, лепено, монтирано во некое жолто комбе. Арно ама СЈО минатиот петок убаво објасни дека тоа жолто комбе всушност било УБК кое неовластено, со години, и потполно незаконски прислушувало преку 20.000 граѓани. И така, досегашниот став на владејачката партија за странските служби и жолтите комбиња се потврди како голема, дебела лага!

Сево ова му е повеќе од јасно на властодршците, но истото не го признаваат, посебно во овие предизборни трески. Затоа, важно им е да го претстават Заев за сторител на велепредавство, бидејќи сакал да гради поинаков однос со Албанците и другите етникуми во оваа држава.

Сакам да појаснам една многу значајна работа. Кривичниот законик јасно одредува што е велепредавство во членот 305: “Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Република Македонија или да ги собори највисоките државни органи, ќе се казни со затвор најмалку пет години”. Службената употреба на Албанскиот јазик во Македонија не е велепредавство, тоа е дел од уставниот поредок на земјата. Ниту поделбата на власта на начин на кој сите етнички заедници реално а не само формално ќе се вклучат во истата не е велепредавство, тоа е дел од уставниот поредок на земјата кој повикува на меѓусебна толеранција и разбирање. Велепредавство не е ни употребата на симболите на другите етинкуми во Македонија, и тоа е дел од уставниот поредок на земјата, како што е и праведната распределба на буџетот, како што се и многу други права на овие заедници.

Велепредавство е нешто друго.

Велепредавство е да се повика на меѓуетничка и меѓурелигиска омраза и нетрпеливост, велепредавство е да се повика на супремација на една етничка заедница врз другите заедници. Тоа е велепредавство, бидејќи го менува уставниот поредок на земјата кој е вграден во духот на заедничкото живеење и делување на повеќе заедници. Тоа отсекогаш било така, и во Илинденското востание и во Крушевската република, и во уредувањето според АСНОМ и другите важни документи и поранешни устави на земјата. Секако, тоа секогаш се крие како нешто невистинито, и често изостанува од свечените говори на високите државни функционери во државните празници на земјата. Но тоа е историската реалност на оваа земја. Секаков обид тоа да се негира или да се промени, претставува велепредавство, а партијата која својата реторика и политичка програма ја гради врз таквата негација не е ништо друго освен фашистичко-нацистичка партија чии сегашни членови и високи фунцкионери, дури и носители на изборни списоци, пред само неколку години јавно бараа гасни комори и сатари за Албанци.

Велепредавство е грубото и систематско прекршување на човековите права, затоа што човековите права се основата на уставниот поредок на оваа држава. Во изминативе години на незаконски начин, со прекршување на низа уставни и законски одредби, биле неовластено прислушувани 20.000 граѓани на оваа држава. Од истрагите Таргет и Тврдина на СЈО видовме дека тоа го направиле лица од државните институции злоупотребувајќи ја нивната положба и овластување, а не некакви странски служби кои сакале да не нападнат од надвор. Делото се случило внатре во државата, од наши граѓани кои работат во наши институции. Тоа е велепредавство! Тоа е срамен чин на државни институции кои треба да ги заштитат и унапредат човековите права наместо истите грубо да ги прекршат.

Велепредавство е употребата на тортура врз граѓаните, како што видовме дека се случило во друга истрага покрената од СЈО со исто име. Велепредавство е изборниот криминал за кој се зборува во истрагата Титаник бидејќи на тој начин се соборени највисоките државни органи чиј легитимитет е донесен во прашање. Тоа е законското битие на оваа кривично дело. Велепредавство е и противправното и целосно тенденциозно лично пресметување со политичките противници, посегајќи по нивниот живот, интегритет и сопственост. И тоа е велепредавство бидејќи на тој начин се соборува уставниот поредок на оваа земја чија темелна вредност меѓу другите се политичкиот плурализам и слободните избори, владеењето на правото, поделбата на власта и заштитата на човековите слободи и права.

Велепредавство е и високиот економски криминал за кој се зборува во Трезор, Топлик, Тендери, Транспортер. Велепредавство е, бидејќи дрско и алчно биле злоупотребени парите на граѓаните и државниот трезор. Велепредавство е бидејќи за да некој дебело профитира, големи суми државни пари биле украдени а за да се покријат елементарните трошоци на државата биле подигнати кредити кои незаконски не задолжуваат не само нас туку и идните генерации. Велепредавство е секој од нас без никаква вина да должи 2000 евра заради фактот што некој требало да заработи големи пари. Тоа е велепредавство, бидејќи нашиот уставен поредок кажува дека Македонија е социјална држава која функционира според законите на слободната економија, а не според законите на мафиашкото владеење и незаконското профитирање.

Велепредавство е обидот да се соборат највисоките државни органи. Вонредни вести: Во Македонија, ова не е веќе обид! Највисоките државни органи се веќе одамна соборени. Меѓународните извештаи говорат за киднапирана држав. Заради нефункционирањето на Јавното обвинителство денес имаме Специјално Јавно обвинителство. Судовите не функционираат па затоа можно е формирање на Специјално судско одделение. Шефот на државата се обиде да аболицира лица обвинети за тежок криминал па ја повлече таквата одлука, а за Собранието и Владата ич да не зборам, сами знаете. Велепредавството во оваа земја одамна е веќе извршено кривично дело. А некои луѓе мислат дека тоа допрва ќе се случи, со некажаните зборови на Заев. Велепредавство е реалноста во која живееме, веќе е време тоа убаво да се сфати!

Затоа драги граѓани, нека ви биде јасно што точно се опфаќа под тој поим велепредавство. Целта е многу јасна. Некои сакаат да продолжат да бидат вакви големи велепредавници и да заработат големи пари на наш грб, а сето тоа да го покажат како чување на Македонските интереси од “клетите” Албанци. Не заборавајте дека Хитлеровата политика и неговото владеење се основале врз истите принципи на сеење страв и трепет. Таквото владеење не само што било главниот виновник за еден од најголемите геноциди во светот, туку е и директна причина што таа земја долго време ги плаќала економските, моралните и човечките последици од таквото несовесно владеење. И Хитлер својата моќ ја добил на избори.



Comments are closed.