Од:

Теарце одлучува: Студена изборна тишина

Малото село одлучува за големи работи. Во полната чајџилница тивко и тегобно се расправаат локалните изборни завери. Кој со кого во коалиција, ако нема излезност, кој тоа го помогнал, а ако има што тоа ќе значи.Тие што се дома гласаат, тие што не се, ех тие…или Данска или Швајцарија. Што би било победа- сонот за егзистенција.

Пишува: Влатко Чаловски

Ова не е обична мрзелива недела во едно мало село во полошкиот регион, а првиот знак дека сте во право  ве пресретнува на патот Скопје – Тетово.  Додека патуваме кон Теарце на неколу места забележуваме полициски патроли. Делуваат сериозно, а оваа глетка не е вообичаена на овој пат, освен ако не станува збор за сообраќајната полиција.

Штом влезете во селото Теарце ве дочекува уште полиција. По синоќешните настани со наводен поткуп на гласачи кои ги соопшти МВР, но и генерално поради заострената атмосфера по 11 декември, се чини дека мирното и непречено гласање без проблеми е приоритет, па затоа и толку полиција.

„Си дојдов да гласам, без притисоци, без никакви проблеми. Ниту јас ниту бабата имавме било каков проблем, навистина е мирно“, вели еден постар жител на Теарце којшто со својата сопруга гласаше во основното училиште кое го носи името на македонскиот просветител од 19 век, Кирил Пејчиновиќ, првата генерација современи македонски книжевници, кој бил роден и творел во ова село.

Гласачи во Теарце има колку што има и деца во наставата во училиштето. Во избирачкиот список се запишани 712 избирачи, а толку деца следат настава од прво до осмо одделение во Теарце. Се учи на три јазика (македонски, албански и турски), но овде освен од Теарце доаѓаат и деца од соседните села.

„Порано имаше многу повеќе деца. Како што и Теарце имаше многу повеќе жители. Но сега младината ни оди надвор. Дијаспората, и тоа млада дијаспора, е претежно во Данска, Шведска, Швајцарија“, вели еден одделенски наставник до четврто одделение во Теарце.

Негов соселанец кој тукушто гласаше попладнето за НОВАТВ вели дека иако очекува изборите да донесат нешто подобро за Теарце, сепак, не верува дека тоа ќе се случи веднаш.

„Сите за слога не прашуваат. Слога има, пари нема. Очекуваме подобро, сигурно, но нема да ни се вратат децата одма, а и други ќе си одат, од приказни не се живее. Ќе треба време да се среди државата, економијата“, вели тој.

Зборуваат помалку, гласаат малку повеќе од 11 декември

Малку се и гласачите кои сакаат да зборуваат со име и презиме со новинарите, особено во камера и особено за теми кои тие ги сметаат за сензитивни, како економските прашања и партиските притисоци. Секој ќе каже дека гласал и било мирно, но дури и на прашања за тоа колкава е дијаспората и што им пречи луѓето не сакаа да се снимаат.  Ако минатата недела, по одлуката на Управниот суд за прегласување, жителите на Теарце слободно зборуваа пред камерите, денеска е малку поинаку.

Не им се зборува, а според последните објави на Државната изборна комисија, ниту излезноста не е значајно повисока од гласањето на 11 декември, барем судејќи по последните објавени податоци на ДИК. До 17 часот излегле 377 избирачи или  27 избирачи повеќе од истото време на 11 декември.

Паркираните автомобили пред секоја куќа посочуваат дека жителите се дома. Луѓе можат да се видат само на гласачките места и во локалната чајџилница и локалниот донер-ресторан. Гостите се претежно мажи, а повремено влегуваат новинарските екипи да се стоплат. Се пие чај и кафе, се разговара многу тивко, а речиси на секое новинарско прашање се вели „не знам“ иако што се опуштат и заборават дека сте овде, може да начуете како на масите соседите и пријатели тегобно и тивко ги расправаат локалните изборни завери – која партија кого поддржала, ако нема излезост чие масло ќе е тоа, кој со кого ќе коалицирал, има ли шанси да илезат 90 проценти од избирачите за да се случи промена во мандатите и слично.

Во Теарце има отворен штаб само на една политичка партија.  И таму е тивко. Довикувањата на претставниците на медиумите кои ги има во огромен број, заедно со чадот од оџаците на Теарчани се единствениот јасен сигнал дека во Теарце денеска нешто се случува.

А се случува прегласување, такво кое ги зовре политичките страсти во Скопје. Малото Теарце одлучува за важни работи – и за мандати, и за политички мир и дијалог.

Гласањето без проблеми, со кусо доцнење

Изборниот процес почна со доцнење од 5 минути, значи во 7,05 часот, подоцна имаше мал прекин од  15 минути поради менување на батериите на УВ-ламбите, но останатото, до сега е во ред. Новинарите и фоторепортерите се во дворот на училиштето и не влегуваат внатре. Тоа го одлучија од ДИК затоа што според нив непотребно се прави гужва и луѓето се оневозможени нормално да го остварат своето право на глас“, изјави Хрисина Танева од невладината организација „ЦИВИЛ“ која има свои набљудувачи заедно со невладината „МОСТ“.