Од:

Техничка Влада ќе ги спроведе парламентарните избори во Албанија

Техничка Влада на чело со политички премиер ќе ги спроведе парламентарните избори во Албанија.  Власта и опозицијата ги обелоденија деталите од постигнатиот договор со посредство на САД за учество на опозицијата на парламентарните избори.

Според владејачката Социјалистичка партија и опозиционата Демократска партија премиерот Еди Рама и лидерот на опозицијата Лулзим Баша постигнале согласност, во владата на Еди Рама да има смена на шест министри на Социјалистите со шест технички министри на опозициската Демократска партија.

Тоа се министрите за внатрешни работи, финансии, правда, образование, здравство и социјална политика. Договорено е парламентарните избори наместо на 18 јуни да се одржат на 25 јуни.

По обелоденувањето на деталите од спогодбата, новоизбраниот претседател на Албанија кој сега е претседател на Собранието Илир Мета, се сретна со духовниот лидер на десницата Сали Бериша, а средбата е протолкувана како можно отстапување на Мета од договорената коалиција со Социјалистите на Рама.

Според лидерот на албанските социјалдемократи Скенде Ѓинуши договорот меѓу власта и опозицијата ги намалува шансите за добивање на места во идниот парламент на малите партии.