Од:

Тендерите на Никола Тодоров

Министерот за здравство Никола Тодоров, на заминување од оваа функција бидејќи е пратеник во Собранието, повторно распишува тендери иако тоа може да повлече правни последици. Тоа се тендери чија што процедура трае и по три месеци, а понатамошната реализација и цела година. До кога мисли тој да биде министер?

Деновиве Тодоров најави нов историски момент за македонското здравство, инвестиција тешка 33 милиони евра во медицинска опрема. Со новиот тендер, медицинска опрема  требало да добијат   100 здравствени установи во државата.  Историскиот инвестициски циклус , како што го нарекоа провладините медиуми, го започна од Тетово каде најави тендер од два милиони евра и 1200 медицински апарати. Тодоров планира до почетокот на април да заврши процедурата со тендерот, а до крајот на годината да се инсталираат апаратите. Како тоа планира?  Добро, знаеме дека е добар за реклами, го прима камера, фотогеничен е, ама на кампањата не и е баш местото сега. Смешно е, не за друго! И не е легитимно. Барем така велат правните експерти.

И така, додека се подготвува новата Влада и на сите нервите ни се истанчени во исчекување, Тодоров  си распишува еден по еден тендер. И тоа не било какви тендери, туку големи капитални. Како тендерот за новиот Клинички центар од над 70 милиони евра. Откако заврши лагата со изградбата во изминатите четири години, тој на заминување овој  тендер го најави како најголем историски момент во македонското здравство.

Или реконструкцијата и новата опрема која ја планира за во велешката болница. И тоа, вели било почеток на големиот инвестициски потфат. Тодоров е пратеник, а само што се загреа како министер. Не застанува. Паралелно турка повеќе работи, а всушност тера политички маркетинг. Како поинаку да се објасни сето ова што го прави со двете функции кои се неспоиви една со друга, министерската и пратеничката.

Тендерите беа  предмет на сериозна анализа и критика од јавноста порано, кога до пред 10 години партиските војници на ВМРО ДПМНЕ од министерството за здравство изнесуваа купишта доверливи документи. Ништо не пропуштаа. Грабаа и носеа по медиуми или правеа прес конференции. Сега Тодоров тендерите ги најавува како историски момент и спас за македонското здравство. Настрана се друго. Кој ќе ги отплаќа инвестициите? Со кои пари? Ги прашал  ли граѓаните дали се согласуваат на ваков начин да се трошат нивните пари? Тоа Тодоров не го кажува.

Кога дојде на оваа функција приоритет му беа тендерите. Тој прво што направи е, што им ги зема тендерите  на болниците и сите големи набавки започнаа  да одат преку Министерството за здравство, централизирано. Тодоров образложи дека така ќе спречел криминал, земање провизии и договори во четири очи. Со тоа сите директори ги направи криминалци. И така сите овие години болниците остануваа без неопходните работи и чекаа Министерството да ги реализира тендерите. Директорите молчеа и голтаа кнедли. Освен што им ги врза рацете да не можат да распишуваат тендери ги остави и без медицински материјали.

Никогаш не се распиша тендер за инвалидски колички на клиниките, за носилки, за кревети кои не се сменети со децении и се распаѓаат. На Клиниката за неврологија осум години немаше апарат за Компјутеризирана томографија неопходен  за болните со мозочен удар. За Тодоров тоа не беше приоритет. Тој не го слушаше гласот на народот, на тие што паѓаат од скршените инвалидски колички додека ги разнесуваат од клиника на клиника.

Затоа не ли ви е чуден новиот инвестициски циклус и тендерите кои ги распишува Тодоров на заминување? И зошто мисли дека новиот министер ќе ја продолжи постапката која тој ја започнал? Агендата мора да заврши. Иднината на македонското здравство е во политиката на новиот министер за здравство. Затоа, нека внимава. Како и ревизорите кои допрва треба да стапат на сцена.

 



1 Trackbacks & Pingbacks

  1. Portali Fjala

Comments are closed.