Од:

Тенис: Гарбине Мугуруза е новата шампионка на Вимблдон

Фото: wimbledon.com

Гарбине Мугуруза е освојувачка на 131. издание на Вимблдон. До првиот трофеј на најпознатата тениска трева, нејзин втор гренслем во кариерата по Ролан Гарос лани, Шпанката стигна по триумфот во големото финале над 37 годишната Венус Вилијамс со 7:5, 6:0.

„Пораснав гледајќи ја Венус како игра и горда сум што играв финале токму со неа. Шанси имавме двете, за среќа јас ги искористив моите. Пред две години загубив во финале од Серена Вилијамс која тогаш ми рече дека еден ден ќе победам овде. Тој ден дојде“, рече видно задоволната Мугуруза.

Мугуруза е првата шпанска тенисерка по Кончита Мартинез во 1994 година која ја покори конкуренцијата на Вимблдон. Беше подобра во денешното финале и заслужено заминува од Лондон со престижниот трофеј.

Првиот сет донесе голема борба за секој поен. Тениската претстава што ја понудија и Мугуруза и Венус Вилијамс беше достојна за гренслем финале. Американката имаше 5:4 и две сет топки, но Шпанката ги одбрани, успеа да „врзе“ три гема во низа и направи пресврт за водство со 1:0.

Токму двете неискористени сет топки на Венус Вилијамс го променија целиот натамошен тек на натпреварот. Нејзината игра се распадна во продолжението, а Мугуруза нижеше поен по поен и, стилски, со девет гема едноподруго го завери големиот успех.

Вимблдон 2017

Финале (ж)

Мугуруза (14., Шпанија) – В. Вилијамс (10., САД) 7:5, 6:0