Од:

Тенис: Ѓоковиќ го откажа настапот на Мастерсот во Мајами

По Мастерсот во Индијан Велс што завршува денеска, нов победник ќе добие и претстојниот Мастерс во Мајами. Новак Ѓоковиќ го откажа учеството на турнирот на кој триумфира во изминатите три години, вкупно шест пати во кариерата. Веста за повлекување на српскиот тенисер ја потврди организаторот на настанот што ќе почне на 22 март и ќе трае до 2 април.

„Новак Ѓоковиќ е принуден да се повлече поради повреда на лактот. Му посакуваме брзо опоравување на нашиот шампион“, стои на профилот на „Мајами опен“ на „Твитер“.

Веднаш по организаторот на Мастерсот се огласи и Ѓоковиќ на социјалните мрежи.

„Се извинувам на моите фанови и на сите ние кои купија влезници да ме гледаат како играм во Мајами. Повреден сум, за жал, и не сум во состојба да се натпреварувам“, напиша српскиот ас на „Твитер“.

Ѓоковиќ наведе дека проблемот со лактот го влече со месеци, но ситуацијата се влошила до таа мера што добил препорака од докторите за мирување.

„Ќе сторам сè што е во моја моќ за поскоро заздравување, но жалам што нема да ја бранам титулата во Мајами. Секогаш се обидував да внимавам на моето тело и низ кариерата досега немав големи проблеми и повреди. Изгледа дека сега доаѓаат последици на на лудто темпо и физички напори што ги имав сите овие години“, додаде Србинот.

Настапот во Мајами, покрај Ѓоковиќ, го откажа и Енди Мареј.