Од:

Тенис, Индијан Велс: Веснина со највреден трофеј во кариерата

Русинката Елена Веснина е победничка на силниот тениски турнир од категоријата Премиер во Индијан Велс. По голема борба во финалето што траеше речиси три часа, таа славеше над сонародничката Светлана Кузнецова со 2:1 во сетови за највредна ВТА титула од вкупно трите во кариерата.

Кузнецова го доби првиот сет на тај-брејк со 8:6. Во вториот поведе со 4:2, но Веснина успеа да направи пресврт и со серија од 5:1 во гемови го освои со 7:5 за израмнување на 1:1.

Слично сценарио понуди и решавачкиот трет сет. Кузнецова и во него имаше брејк предност и водство со 4:2, а Веснина уште еднаш покажа поголема присебност, нанижа четири гема во низа и не загуби ниту еден за конечни 6:4.