Од:

Тенис, ВТА листа: Кербер се врати на првото место, Ѓорческа на 180.

Анџелика Кербер е повторно број еден во женскиот тенис. Германката ја потисна Серена Вилијамс на најновата ВТА ранг листа за што во прилог и беше Мастерсот во Мадрид и породилното отсуство на американската колешка.

Зад нив е Каролина Плишкова од Чешка, а по освоената титула во Мадрид, Симона Халеп се проби од осмото на четвртото место. Во топ 10 се Доминика Цибулкова, Џоана Конта, Гарбине Мугуруза, Светлана Кузнецова, Агнешка Радванска и Каролина Возњацки.

Напредок за една позиција бележи и Лина Ѓорческа. Најдобрата македонска тенисерка е на 180 позиција со 300 бода пред настапот во квалификациите за Ролан Гарос. Главниот дел на вториот гренслем тениски турнир во сезоната ќе почне на 28 мај и ќе трае до 11 јуни.