Од:

Тевдовски:Буџетот ќе може да ги исплати сите плати,пензии и субвенции

Министерот за финансии Драган Тевдовски излезе со смирувачка порака до јавноста дека  буџетот ќе може да ги исплати сите обврски што ќе достасуваат. Сепак, се уште се анализира колку изнесуваат доспеаните, а колку неплатените долгови на државата кон стопанството поради што сите буџетски корисници добиле задеача најдоцна до идната недела да ги достават конкретните податоци за да се види каква е вистинската состојба.

„Мислиме дека после многу години на едно раскалашено трошење јавноста мора да ја има точната бројка за да може да одиме напред,“  изјави Тевдовски во својето прво појавување во јавноста.

Новата Влада наследила само 6,5 милиони евра на буџетската, и 209 милиони евра на девизната сметка, пари од еврообврзницата.

„Точно е дека првиот извештај што го видовме заклучно со 31 мај, на буџетската сметка има 400 милиони денари односно 6,5 милиони евра, а на девизната сметка се наоѓаат 209 милиони евра, средства од еврообврзницата. Тие ќе бидат искористени за сервисирање на надворешниот долг до крајорт на годинава. Но, сакам да испратам порака до целата јавност, да биде сигурна и да не се грижи, дека буџетот ќе може да ги исплати сите плати, пензии, и да ги исплати субвенциите до крајот на годината, процес кој ние веќе го почнавме за да ја раздвижиме економијата и првите два дена исплативме значајни суми субвенции и стипендии“, изјавиТевдовски.

Министерот Тевдовски порача дека новата Влада не планира да ги зголеми придонесите, ниту пак да ги намалува платите во администрацијата.