Од:

Тевдовски: Излезот од лошата економска состојба е растот на платите

Претседателот на Комисијата за економија во СДСМ Драган Тевдовски денеска на прес конференција го презентираше планот на партијата за растот на платите, што би се остварил до доаѓање на власт.

– Ако се гледа вкупната македонска економија, учеството на платите и надоместоците за вработените во БДП е сериозно намалено во земјава, а за сметка на ова е зголемено учеството на профитот во БДП. Во однос на јавниот сектор, платите на администрацијата во Македонија и Албанија се на дното во регионов. Така, делот за плати во Македонија изнесува 6,9% од БДП, и е понизок од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора како што може да се види од овој графикон, рече Тевдовски.

Тој објасни дека мнозинството граѓани во земјава нема приходи од капитал, туку живеат само од својот труд. Затоа, за да се подигне нивниот животен стандард, потребно е Македонија да излезе од мизерно ниското ниво на плати, рече Тевдовски, при што ги презентира следниве мерки:

– До април 2017 година ќе ја подигнеме минималната плата на 12 илјади денари. До крајот на мандатот таа ќе изнесува до 16.000 денари,

– ќе ги зголемиме платите платите во здравството и образованието. За две години, ќе ја изедначиме почетничката наставничка плата со просечната плата во државата, а двојно ќе ги качиме платите на лекарите и здравствените работници,

– ќе создадеме услови за подобро организирање на работниците при преговарањето за платите, со тоа што колективните договори ќе станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистер.

Тевдовски додаде дека битката за повисоки плати ќе се води заедно со поставувањето на другите темели на праведното општество во Македонија, како на пример, фер даночен и социјален систем, контролни механизми за луѓето на власт, целосна транспарентност во јавните расходи и повторно подигање на срушеното јавно образование и здравство.

Одговарајќи на новинарско прашање, Тевдовски рече дека платите во никој случај нема да се намауваат, бидејќи повисоките плати ќе креираат дополнителна потрошувачка и тоа ќе биде стимул за зголемување на продуктивноста во македонската економија.