Од:

Тежок пораз за Трамп: Повлечен законот за здравствено осигурување

Американскиот претседател, Доналд Трамп, доживеа тежок политички пораз бидејќи мораше од републиканците да бара да го повлечат нацрт законот за реформи во здравствениот систем поради недоволен број гласови.

Со тоа републиканските лидери сакале да избегнат понижувачки пораз за претседателот Трамп, оценуваат американските медиуми.

Тие планираа вчера да гласаат за новиот закон, а им беа потребни 216 гласови од 430 пратеници во долниот дом кој има 237 републиканци и 193 демократи.

Одлуката за повлекување на нацрт законот е донесена откако се покажало дека бројот на противници меѓу републиканците е над 30, додека сите демократи биле против.

Новиот закон за здравствено осигурување, кој го поддржува Доналд Трамп, требаше да внесе значителни промени на досегашниот закон т.н. Обамакеар, кој за прв пат овозможи здравствено осигурување на голем број сиромашни Американци.

Трамп вчера им порача на републиканците да го поддржат неговиот план за здравствени реформи и да го отфрлат Обамакеар или ќе ја изгубат секоја прилика да го реформираат.