Од:

Трамп: Нечесните медиуми, судството и демократите се пречка за успехот

Прва соло прес конференција на новиот американски претседател Доналд Трамп се одржа вчера во Белата куќа. Во текот на час и половина тој ги обвини медиумите, судството и демократите дека го спречуваат успехот на неговата акција.

Новата администрација “функционира како добро подмачкана машина”, вели Трамп и покрај тоа што неговите први чекори во Белата куќа се проследени со протести на милиони луѓе, судството го блокираше неговиот анти-имиграциски декрет и неговиот главен дипломатски советник мораше да даде оставка.

Трамп тврди дека наследил “хаотична” ситуација:

“Луѓето тоа го знаат, најголемиот број медиуми исто така. Или подобро речено, знаат ама не го пишуваат”, ги нападна Трамп повторно новинарите.

Од тие причини, вели тој “јас сум тука за да ја пренесам мојата порака директно на народот бидејќи голем број новинари во нашата земја нема да ви ја кажат вистината и нема да ги третираат луѓето како прекрасни со почитта што ја заслужуваат”.

Новинарите се “на ниво на нечесност која е вон контрола”, ги повтори тој по кој знае кој пат зборовите од кампањата и ја нападна елитата на земјата која главно живее на западната и источната обала кои живеат во нивниот свет и не ја разбираат вистинската Америка.

“Најголемиот број медиуми, во Вашингтон ДЦ, но и во Њујорк и Лос Анџелес, не му се обраќаат на народот туку на нивните интереси и на оние кои го користат системот кој е скршен”, вели Трамп.

И извика: “Јас ви велам дека вие сте нечесни луѓе. Јавноста повеќе не ви верува!”

На еден новинар кој се обиде да повтори едно прашање Трамп му викна: “Седнете” а на друг новинар му рече да замолчи.

Американските новинари во прес салата не кренаа рацете од прашањата што требаше да се постават, особено за врските на екипата на Трамп со Русија и контаките со руските разузнавачки служби: “Немам никаква врска со Русија”, викна Трамп. Додавајќи дека “информациите се лажни” зборувајќи за откритијата кои се појавуваа секојдневно и кои укажуваат на чудните односи помеѓу Трамп и Путин.

Уште еден момент од оваа прес конференција заслужува внимание. Трамп во воведот рече дека ја однел најголемата изборна победа според бројот на гласови на избирачкиот колеџ од времето на Роналд Реган. На ова еден новинар вели дека тоа не е точно.

“Така ми рекоа”, вели тој гледајќи во своите белешки и минува на друго прашање.

Потоа ги обвини администрацијата на Обама и Хилари Клинтон дека сеат «лажни вести» и додаде: «Не е Доналд Трамп тој што ја подели земјата. Ние веќе живееме во поделена земја.»

Напад доживеа и дописникот на Би-Би-Си кој сакаше да постави прашање за анти-имиграциската наредба. Трамп го праша од кој медиум доаѓа а кога новинарот го наведе својот медиум, Трамп шепна: “Уште една убавица”. На ова новинарот рече дека Би-Би-Си е независен и објективен медиуми, Трамп тивко прокоментира “како да не”.

Според една анкета објавена вчера, популарноста на Трамп е падната. Само 39 отсто Американци го поддржуваат претседателот, што е најнизок процент на било кој негов претходник во првиот месец од владеењето, а 56 отсто се против него.