Од:

Трамп обвинет дека споделил класифицирани информации со Лавров

Нови проблеми за американскиот претседател Доналд Трамп. Вашингтон Пост објави дека Трамп му открил класифицирани информаци на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров при нивната средба во Овалната соба во Вашингтон.

Информациите се однесуваат на операција на терористичката група Исламска држава (ИД) поврзана со употребата на лаптоп компјутери во авионите. Вашингтон ги добил информациите од свој извор кој не дал дозвола тие да бидат споделени со друга земја.

Белата куќа демантираше во обид да го изгаси пожарот на обвинувања но демократите и некои републиканци во Конгресот овој потег на Трамп го оценија како „опасен и несовесен“.

Трамп со ова не го повредил законот но ја довел во опасноста довербата на сојузниците кои отсега ќе размислуваат пред да споделат чувствителни информации со САД.

Според шефот на Советот за безбедност на САД генералот МакМастер “приказната така како што е објавено е лажна”. Генералот присуствувал на средбата со Лавров и вели дека се зборувало за заканите од терористите и безбедноста на авијацијата. Тој демантира дека со Лавров биле споделени тајни информации. Сепак, генералот одби да одговори на прашањата на новинарите.

Овој скандал избива во моментот кога повторно во прв план е улогата на Москва во американските претседателски избори по отпуштањето на шефот на ФБИ Џејмс Коми. Коми и неговата служба работеа токму на мешањето на Русија во изборите во САД.

Според висок американски функционер цитиран во Вашингтон Пост, информациите кои Трамп му ги дал на Лавров имаат степен на највисока класифиција.

Трамп му дал информации кои не биле споделени ни со земјите сојузници:

“Му опишал детали на терористичка закана од ИД поврзана со употреба на лаптоп во авионите”, вели изворот на Вашингтон Пост и прецизира дека не сака да даде повеќе детали за терористичкиот план на барање на разузнавачките служби на САД.

Според весникот, Трамп се фалел дека има прецизни информации за терористичката закана: “Имам одлични информации. Имам луѓе кои секој ден ми даваат одлични информации”.

За републиканските сенатори како Џон МакКејн или Пол Рајан овие вести се загрижувачки:

“Не знаеме што било кажано и заштитата на нашите разузнавачки извори е круцијална”, вели портпарол на Рајан и додава дека сенаторот очекува од администрацијата да објасни што се случило.

 



Comments are closed.