Од:

Треневски: Ако е Тре Пене не значи дека ќе биде супер лесно

Фото: fkrabotnicki.com

Работнички е најсреќниот од трите македонски претставници во Лига Европа по денешната ждрепка во Нион. Дебармаалци го добија Тре Пене од Сан Марино за противник во првото квалификациско коло што, на хартија, ги прави апсолутни фаворити во двомечот. Воведните 90 минути ќе бидат на Апенините на 29 јуни, возвратните се закажани на 6 јули на тренинг комплексот „Петар Милошевски“ при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Во случај да минат во наредната рунда, во што не постои никаков сомнеж, тогаш ги очекува подобриот од дуелите меѓу Динамо Минск (Белорусија) и Рунавик (Фарски Острови).

Играчите, стручниот штаб и раководството на клубот изразија задоволство од вестите од седиштето на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) во Швајцарија. Првата пречка треба да биде апсолвирана без поголеми проблеми, за премостлива важи и втората што сами по себе се добри предуслови за нов долг престој на тимот од Градски парк на меѓународната мапа. Но, само со сериозен пристап и без опуштање дека самото појавување на терен ќе биде доволно за завршување на работата. Особено против Тре Пене иако во квалификациите за сезоната 2011/12, Работнички ја елиминира екипата на Јувенес/Догана, исто така од Сан Марино, со вкупни 4:0.

„Да ја избегнеме Зета и по можност да го добиеме Тре Пене. Тоа беа нашите желби пред ждрепката. И се остварија. Ќе играме со тимот од Сан Марино што не значи дека двете средби ќе бидат супер лесни. На мегдан ќе излеземе со сериозен пристап и подготовки. Притоа ќе ги потсетам фудбалерите дека најмногу се мачевме на тие, условно, „полесни“ натпревари во првенството“, коментира тренерот на Работнички, Виктор Треневски.

Работнички моментно е на подготовки во летната база Чатеж во Словенија. Таму го одигра и првиот тест натпревар против Скендербег (1:1), а во среда ќе има и генералка против хрватскиот првак Риека на македонските репрезентативци Стефан Ристовски и Леонард Жута.