Од:

Тригодишно девојче од Прилеп починало по труење со сендвич

Тригодишната Анета Неџиповска починала ноќеска во сон, откако вчера била пуштена на домашно лекување од Инфективното одделение од прилепската болниц, со сиптоми на труење. Се претпостувува дека девојчето било затруено од сендвич, кој го јадела во вторникот вечерта, а бил купен во некоја кафеана во центарот на Прилеп. Родителите вчера попладне по првите симптоми помош побарале во болницата „Борка Телески“ во Прилеп. Девојчето таму било прегледано амбулантски, а по дадената терапија било пуштено дома.

„На одделението за заразни болести направени се лабораториски испитувања и утврдена дијагноза труење од храна. По примање на терапија во одделението, од страна на лекарот кој ја примил, било утврдено дека е во подобра здравствена состојба и се препишала терапија за дома, препорака за исхрана и контрола по потреба“, објаснуваат во невладината РОМА С.О.С, каде случајот го пријавиле роднини на починатото девојче.

Од таму велат дека според анализите девојчето имало многу високи леукоцити, што укажува на голема инфекција но, и покрај тоа е пуштено дома. Утрово кога станале родителите од спиење забележале дека Анета не давала знаци на живот. Веднаш била однесена во болница, каде била реанимирана но, безуспешно. Лекарите констатирале смрт, а по пегите на телото се претпоствува дека починала околу 3-4 часот утрината.

За случајот веднаш е информирано Основното Јавно обвинителство во Прилеп, по што издаден е налог за вршење обдукција и утврдување на причините за смртта. Според информациите од обвинителот се очекува во текот на утрешниот ден да започне спроведување на обдукцијата, од причина што постапката треба да биде извршена од надлежни лекари од Битола.

Од здружението РОМА С.О.С кое работи на остварување и заштита на правата на Ромите апелираат до сите надлежни институции, посебно до Основно Јавно Обвинителство да преземат дејствија согласно нивните надлежности за најбрзо утврдување на причините на смртта,односно завршување на обдукцијата и изготвување на Обдукционен наод, со цел родителите да може да го земат телото на девојчето, да ги завршат религиозните обреди.

„Доколку се утврдат пропусти во текот на лекувањето, да се преземат мерки за одговорност на виновниците и да се поднесе кривична пријава“порачуваат од РОМА С.О.С

Новиот директорот на болницата, Петар Ристески, за НОВА изјави дека веднаш откако е констатирана смртта известени се сите надлежни инстутуции, по што е формирана Комисија од Министерството за здравство која ќе го испитува случајот.

„Комисијата која ќе врши надзор на случајот, веќе е на пат за Прилеп. И ние сме шокирани од ова, но не можам да кажам дали има пропусти во лекувањето се додека не заврши истрагата, се додека не се добие наодот од обдукцијата“ , изјави Ристески за НОВА.

Семејството покрај Анета има уште едно машко дете на возраст од една година и шест месеци, а мајката е во четвртиот месец од својата бременост.