Од:

Црвено-црн „ураган“ низ Будимпешта: ЖРК Вардар го „збриша“ ФТЦ

Фото: zrkvardar.mk

Ремито (27:27) од СЦ „Јане Сандански“ против Ференцварош во воведното коло во групата Б во Лигата на шампиони, ракометарките на ЖРК Вардар го наплатија со камата во Будимпешта. „Црвено-црните“ девојки го „збришаа“ унгарскиот состав со 37:24 (21:12) и осамнаа на врвот на табелата со 9 бода. Лекиќ со 7 гола и Радичевиќ и Мавсар, кои постигнаа по шест, ги предводеа вардарки попладнево, по четири гола за домашниот состав реализираа Снелдер, Пења и Јовановиќ. Во последното коло македонскиот првак ќе гостува во Лајпциг.

Доаѓањето на Давид Дејвис на клупата очигледно го подигна вардаровиот морал. По убедливата партија против Астраханочка во минатото коло, ЖРК Вардар уште еднаш беше незапирлив за противникот кој до ова коло важеше за единствен во конкуренција што може да парира. Одлични во одбрана, неверојатни во напад, вардарки, по оние 39 гола против рускиот тим, денеска постигна 37 и во ниту еден момент не ја доведе во прашање победата.

Вардар за настапот во Будимпешта остана без Ања Алтхаус. Германката отпадна од комбинација во последен момент поради проблеми со грбот, па стручниот штаб не сакаше да ризикува ништо со неа. Но, затоа во тимот се врати Барбара Лазович која ги надмина проблемите со окото што ги влечеше од гостувањето во Астрахан.

Двата дела од ракометната претстава во Будимпешта донесоа еднонасочен ракомет. Вардарки немилосрдно го полнеа голот на Унгарките пришто во првото полувреме имаа 95 отсто успешност во ударите додека домашните изгледаа загубено на терен. Предноста на „црвено-црните“ растеше од минута во минута и во ниту еден момент не му дадоа ниту трошка надеж на Ференцварош дека е можна реприза од Скопје.

Во вториот меч од групата Лајпциг како домаќин ја совлада Астраханочка со 30:27.

Ференцварош – ЖРК Вардар 24:37 (12:21)

Сала: „Елек Ѓула арена“ во Будимпешта. Гледачи: 2.800. Судии: Карина Кристијансен (Норвешка) и Лине Хеселдал Хансен (Норвешка).

Ференцварош: Сикора, Биро, Сарка 3, Шацл 2, Сучански 2, Секереш /, Сикора /, Месарош /, Лукач /,  Снелдер 4, Пења 4, Мод /, Монори /, Фалувеги 1, Јовановиќ 4, Ковачич 1, Хорњак 3. Тренер: Габор Елек.

Седмерци: 2/2. Исклучувања: 8 минути.

ЖРК Вардар: Лејно, Песоа, Радичевиќ 6, Кликовац /, Херем 2, Мавсар 6, Дамњановиќ 1, Лазович 3, Илјина /, Пенезиќ 4, Човиќ 3, Лакрабер 4, Хмирова 1, Лекиќ 7, Ристовска /. Тренер: Давид Дејвис.

Седмерци: 5/7. Исклучувања: 4 минути.