Од:

Тур де Франс: Прва етапна победа за Молема, Фрум останува во жолто

Фото: letour.com

Бауке Молема од тимот на Трек-Сегафредо ја освои 15 етапа на Тур де Франс. Делницата од Ил Егли до Ле Пуј ен Вела, во должина од 189,5 километри, Холанѓанецот ја мина за 4:41,47 часа за прв триумф во кариерата на велосипедската трка околу Франција. Диего Улиси, Тони Галопен и Примож Роглич, од второто до четвртото место, пристигнаа во целта со 19 секунди послабо време од победничкото.

Главните фаворити за титулата на годинашното издание на Тур де Франс, се чини, не сакаа премногу да се трошат пред завршните етапи. Денешниот настап го завршија со шест минути задоцнување во однос на Молема. Исклучок беше Даниел Мартин кој намали 14 секунди во генералниот пласман и по 15 извозени етапи се искачи на петтото место (+1:17 минути).

Крис Фрум останува водечки со вкупно време од 64:40,21 часа. Втор е Фабио Ару (+18 секунди) пред Роман Барде (+23 секунди) и Ригоберто Уран (+29 секунди).

Утре е слободен ден на Тур де Франс. Велосипедската трка околу Франција продолжува во вторник со 16 етапа од Ле Пуј ен Вела до Роман сур Изер долга 165 километри.