Од:

Турската амбасада поднесе кривична пријава за навреди против Ердоган

Тулин Еркал Кара (Фото: Анадолија)

Амбасадата на Турција во Македонија, поради искажани навреди против Република Турција и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган, до овластениот обвинител во Македонија поднесе кривична пријава против лицето Е. А., кој истовремно е државјанин и на Република Македонија, јави агенцијата Анадолија.

Во писменото соопштение на Амбасадата на Република Турција се вели дека лицето Е.А, кој е државјанин и на Република Македонија и на Република Турција, преку својот профил на социјална мрежа користел изрази со кои им наштетил на угледот на Република Турција и на претседателот Ердоган.

Во соопштението се вели дека поради тоа што лицето користело иронични, навредливи и несоодветни зборови, до овластениот обвинител во Република Македонија против него е поднесена кривична пријава.

– Имајќи ги предвид блиските односи меѓу двете земји, предлагаме овластениот обвинител да ги направи потребните чекори во насока на казнување на осомничениот против кого е поднесена кривична пријава, се вели во соопштението.

Амбасадорката на Република Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара вели дека адвокатите на амбасадата на Турција во Македонија одблиску ќе го следат целиот случај.

– Уверени сме дека лицето ќе ја добие заслужената казна. Оваа тужба е поднесена до вас со цел да ги предупредиме оние непромислени кои отсега натаму би направиле нешто слично, пренесува Анадолија.