Од:

Турција одбележува годишнина од неуспешниот пуч

Во Турција денеска се одбележува првата годишнина од неуспешниот обид за државен преврат. Според турските власти, организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен е одговорна за пучот извршен ноќта на 15 спроти 16 јули минатата година.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган вчера објави дека во државата ќе почне „национално демократско бдеење“ и ќе трае до полноќ на 16 јули. Закажана е седница на парламентот со специјална програма. Попладне во Истанбул ќе почне поход на национално единство на Ердоган, ветерани од превратот и роднини на загинатите. Ќе биде отворен и споменик на жртвите од неуспешниот пуч.

И една година од пучот Ердоган е обвинет од речиси сиот модерен политички и граѓански свет дека под превезот на контроверзниот пуч тој спроведе чистка на неистомислениците и воведе формална диктатура.

За пучот со официјални 249 жртви, Ердоган го обвинува проповедникот Фетула Ѓулен, кој живее во егзил во САД, кој демантира секаква поврзаност со обидот за соборување на Ердоган. По обидот за пуч, Ердоган како претседател воведе вонредна состојба, што му овозможи владеење преку декрети.

Веднаш по задушувањето на пучот почна чистката кон неистомислениците на Ердоган и таа трае до денес. На удар се сите критичари на владата на Ердоган, главно под обвинение за тероризам, иако тоа често звучи крајно нелогично.

Од обидот за преврат досега се суспендирани или отпуштени преку 100.000 државни службеници, повеќе од 50.000 луѓе се во истражен затвор.

Обидот за пуч на Ердоган му отвори  пат преку уставниот референдум да го воведе одамна посакуваниот претседателски систем, што е само чекор кон владеење на еден човек.

Одбележување на годишнината од пучот со неколку манифестации ќе се одржи и во Македонија. Главниот настан ќе се одржи во „Холидеј ин“

На настанот за одбележување на годишнината од „пучот“ во Турција ќе присуствуваат официјални претставници на владата на Зоран Заев.