Од:

УЕФА: Пет македонски клуба добија 325.890 евра

Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) исплати вкупно 325.890 евра за пет клуба од Македонија на име отштета за нивните играчи што настапија за своите репрезентации во квалификациите за Европското првенство во 2016 во Франција.

Најголем дел од средствата доби Вардар – 148.584,74 евра пред Работнички со 115.248,81 евра. Потоа следуваат Шкендија со 31.028,53, Металург со 26.595,88 и Брегалница со 4.432 евра,65.

Хрватските клубови добија најмногу на просторите на поранешна Југославија – дури 1,3 милиони евра. Македонија е втора со споменатите 325.887 евра, екипите од Србија добија 247.878 евра, словенечките инкасираа 160.000 евра, црногорските – 134.000 евра и екипите од БиХ – 90.000 евра.

Вкупната сума што УЕФА ја исплати како компензација на 641 клуб од 54 држави е 150 милиони евра. Колку за споредба, оваа сума е за 11,5 отсто повеќе од онаа што беше распределена меѓу 575 клуба за ЕП 2012.

Сто милиони евра се насочени кон клубови што имаат фудбалери на завршниот турнир во Франција, сума што е двојно поголема од квалификациите (50 милиони). За секој меч во нив клубовите добиваа 3.536 евра по играч во репрезентациите што имаа 12 средби во групата, односно, 4.307 евра за оние чии селекци одиграа по 10 натпревари.

УЕФА им надомести на клубовите и за секој ден што нивни играч минал со репрезентацијата сметајќи од првиот ден на подготовки до последниот по елиминацијата на ЕП 2016.

Клубовите беа рангирани во три категории при распределба на средствата. Оние од првата добиваа „дневница“ од 7.231 евро за секој фудбалер, од втората 4.821 евро, а од третата по 2.410 евра.

Најмногу профитираа англиските клубови ки добија преку 38 милиони евра, а најмалку пари завршија на Исланд – 118.000 евра. Поединечно, најмногу профитира Јувентус со 3,5 милиони евра.

УЕФА притоа соопшто дека планира да го зголеми буџетот за оваа намена на 200 милиони евра за клубовите кои чии фудбалери ќе настапат во квалификациите и на Европското првенство во 2020 година.