Од:

Уметникот Ѓорѓе Јовановиќ во престижната „Захета“ во Варшава

Македонскиот ликовен уметник Ѓорѓе Јовановиќ денеска ќе одржи презентација на своето творештво во склоп на меѓународната групна изложба „Да се употреби повторно: минатото како костим или инспирација“ која ќе се одржи во реномираната галерија „Zachęta Project Room“ – Националната уметничка галерија Захета во Варшава.

Јовановиќ на оваа изложба се претстави со видеото „They All Wait for Me to Pay“ изработено во Тирана, во 2013 година, во кое тој соработува со традиционален исо-полифониски хор и претставува обид да се поврзе минатото и сегашноста преку пеење и раскажување. Изложбата „Да се употреби повторно: минатото како костим или инспирација“ е организирана во рамки на размената помеѓу Салонот на Музејот на Современа уметност од Белград и Проектниот простор Захета. Изложбата беше отворена на 11 февруари и трае до 15 април.

Покрај презентацијата на селекција од неговите дела, тој заедно со д-р Ригелс Халими, професор на катедрата за источноевропски студии на универзитетот во Варшава ќе говорат за историјата на исо-полифонското, пеење а ќе се обидат и да проговорат повеќе за комплексните општествени релации и состојби на Балканот.

Во делата презентирани на изложбата (видео инсталации, фотографии и објекти) уметниците ги користат артефактите од поновата историја (архитектурата, фотографијата, медиумските слики и документирањето на политичките и општествените случувања, филмот и музиката).

Некои автори ги третираат артефактите како сцена на која тие развиваат целосно нови идеи, а другите пак повеќе реферираат на приказните што тие ги употеребуваат како инспирација. Поканетите уметници се родени во поранешна Југославија. Тие живеат и работат во Белград, Љубљана,Скопје, Амстердам и Виена. Учесници на изложбата се Ана Адамовиќ, Младен Бизумиќ, Јасмина Цибиќ, doplgenger, Бојан Фајфиќ, Ѓорѓе Јовановиќ, Иван Петровиќ, Саша Ткаченко, Милош Томиќ. Кураторка на изложбата е Магда Кардаш.