Од:

УНЕСКО: Во Охрид сме за да оцениме дали се спроведуваат препораките

Ања Сидоренко, еден од тројцата експерти на Светската организација за заштита на природното и културното богатство кои се во мониторинг-мисија во Охрид, денеска изјави дека прашањето Охрид да биде избришан од листата на светските заштитени природни и кутурни богатства на УНЕСКО никогаш не било разгледувано, истакнувајќи дека оваа посета е да извршат увид во спроведените активности на терен и да оценат колку се почитуваат нивните препораки за обемот на градежните зафати и нивното влијание врз животната средина и културното наследство.

– Во Охрид вршиме мониторинг на целото културно и природно наследство и како тоа се заштитува, сите активности кои се преземаат, додаде таа.

Експертите од УНЕСКО денеска имаа средба со раководството на „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид“, по што ќе ги посетат Античкиот театар, Плаошник, црквите „Света Богодорица Перивлепта“, „Света Софија“ Галеријата на икони и објекти на кои се преземени конзерваторски активности.

– Нашата посета е рутинска за да ја провериме состојбата на објектите врз кои се врши конзервацијата, а се дел од културното наследство на сите компоненти и за тоа да го известиме комитетот на УНЕСКО. Остваривме средба со цел да го видиме прогресот и напорите на локалните и националните власти во заштитата на културното наследство и спроведувањето на забелешките на УНЕСКО изнесени на минатогодишната 40-та седница на организацијата одржана во Истанбул, рече Сидоренко.

За време на посетата на НП „Галичица“ тие ги разгледале сите предвидени проекти, со забелешка дека се работи за комплексни проекти за кои била потребна дополнителна експертиза, поради што дел биле испратени на увид кај Комитетот ИКОМОС одговорен за комплексни подрачја што изобилуваат со културни и природни вредности.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 40. седница во Истанбул изрази сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени, што потврдува дека тие најверојатно би предивикале значителни потенцијални влијанија врз исклучителната универзална вредност на регионот на Охрид.

Според експертите, поради владините проекти Охрид би можел да се најде на црната листа на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО што е само еден чекор до губење на овој статус. Спорните планови се изградба на експресниот пат до Свети Наум кој би поминувал низ Националниот парк Галичица, трите туристички развојни зони, како и ски центарот на планината.

НОВА ТВ пред две недели беше во Охрид, каде направи репортажа за најавените проекти, за кои еколозите предупредуваат дека може да предизвикаат еколошка катастрофа, а Охрид е во опасност да го загуби имиџот на град под заштита на УНЕСКО.