Од:

Вајгел за НОВА:Иванов ќе ја увиди грешката, ќе донесе правилна одлука

Известувачот во Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Иво Вајгел смета дека потегот на Иванов е во спротивност со интересите на државата.

„Секое одологовлекување заради формални или политички причини за именување на нова влада им штети на интересите на Македонија и е во спротивност со очекувањата на Европскиот парламент и европските институции кои изразија подршка на патот на Македонија кон европските интеграции. Мислам дека неочекуваната одлука на Иванов може да значи продолжување на кризата и заострување на ситуацијата. Се надевам дека по одговорот кој сака да го добие од партиите кои се договараат и нивното објаснување тој сепак ќе го даде мандатот на партијата која легитимно има право врз основа на резултатот од изборите и доказите кој ги приложи дека има мнозинство во парламентот“ изјави Иво Вајгел за НОВА.

Вајгел во оваа изјава изрази надеж дека претседателот Иванов ќе ја увиди грешката и дека сепак ќе донесе одлука која е во согласност со македонските државни интереси.

„Претседателот Иванов веќе докажа дека е способен да ја увиди грешката кога ќе згреши . Така беше и со амнестијата која неочекувано ја објави. Мислам дека и овој пат станува збор за ситуација во која треба трезвено да размисли и да донесе правилна одлука. Очекувам дека Иванов по оваа изјава ќе увиди што е во интерес на Македонија. Европските институции ставија јасно до знаење а исто го направи и НАТО дека на Македонија и треба што поскоро ефикасна влада а јас на тоа би додал дека на Македонија и треба и единство околу основната цел на државата а тоа е интегрирање во ЕУ “ изјави Вајгел за НОВА.

Тој исто така изрази загриженост поради употребата на реторика која како што вели е заснована на меѓуетнички конфликт.

„Јас се плашам дека реториката во изминатите денови е веќе заснована на меѓуетнички конфликт . Мислам дека еднострано и тенденциозно се прави обид да се маргинализираат етнички албанските партии и нивните гласачи. Секое одвојување на гласачите и партиите Албанци од целовитоста на јавниот живот е опасно и неприфатливо Јас прв реков дека усогласувањето на ставовите на албанските партии во Тирана не беше среќна идеја и реков дека тоа е невообичаена пракса но сепак тоа не смее да биде причина поради која ќе го доведете во прашање легитимитетот на идниот мандатар“ изјави известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Иво Вајгел.

Инаку Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент вчера усвои предлог резолуција во која се изразува поддршка за европската интеграција на Македонија.

“ЕП ги потсетува владините и партиските лидери на своите заложби за целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор на инклузивен и транспарентен начин, да се заврши задоцнетиот преглед без натамошно одлагање, вклучувајќи ги и политичките препораки и да се обезбеди доволен буџет за негово спроведување. Се осудува секој облик на иредентизам и секој обид да се распаднат различни социјални групи и се нагласува важноста да се започне долгоочекуваниот попис без натамошно одлагање”, се бара во предлог-Резолуцијата.

Се бара исто така, како и досега, отворање на преговорите за членство со ЕУ:
“Регионалната соработка и добрососедските односи се суштински елементи на процесот на проширување, Процесот за стабилизација и асоцијација и процесот на пристапување на земјата, билатералните спорови не треба да се користат за да се попречи процесот на пристапување во ЕУ, ниту за отворањето на преговорите за членство, но да бидат соодветно опфатени во конструктивен дух и во согласност со стандардите на ЕУ и на ОН, а сите напори треба да водат кон одржување на добрососедските и меѓуетничките односи”, вели текстот.
Пратениците бараат и „формирање на нова, стабилна и одговорна Влада и транспарентна транзиција, во согласност со уставните и законските барања и постапки“ се вели во предлог резолуцијата.



Comments are closed.