Од:

Вангеловски претседател на Врховен, Рибарев в.д. на Кривичен

Јово Вангеловски е избран за претседател на Врховен Суд. На вонредната седница на Судскиот совет денеска за него гласаа 12 членови на Советот, а еден беше против.

За Вангеловски ова е втор мандат откако по првиот не се кандидираше за продолжување. Тој го водеше Врховниот од 2008 до 2012 година.

Имено на денешната седница за в.д. претседател на Основен суд Скопје 1 беше назначен Стојанче Рибарев, кој доаѓа од Врховниот суд каде што беше избран како судија во септември минатата година.

Во својата кариера, бил претседател и на Апелациски суд Штип и на Основен суд Штип, а доаѓа во Скопје на местото на досегашната в.д претседателка, Татјана Михајлова, која си поднесе оставка.

И двајцата беа изгласани по предлог на претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.

Според него, Рибарев бил најискусен и затоа е поставен да го води проблематичниот Кривичен додека не се избере претседател.

Освен Вангеловски, кандидати за највисокото место во Врховен, беа и судијката Лидија Неделкова, досегашната в.д. претседателка Снежана Бајлозова и судијката Беса Адеми.

За врските на Вангеловски со фунцкионери од ВМРО ДПМНЕ, НОВА пишуваше во 2015 година, каде се споменува како кум на доскорешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

Вангеловски се споменува и во една од „бомбите“ (бр. 11) што ги објави лидерот на СДСМ Зоран Заев, како еден од 19-те разговори меѓу премиерот Никола Груевски и пратеничката Силвана Бонева, министерот Миле Јанакиески и тогашиот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски за случајот „Глобал“.