Од:

Вацлав Хавел: Од што, всушност, се плашиме

На 5-ти октомври 2016-та Вацлав Хавел ќе полнеше 80 години. Почина во декември 2011-та. Беше дисидент, борец против комунизмот, претседател на Чешка, но и светски активист за човекови права, демократија и слобода на говорот. Тој беше затворан и прогонуван, а неговите дела забранувани од страна на тогашниот режим. Хавел беше десетти и последен претседател на Чехословачка по падот на железната завеса од 1989 до 1992 и потоа стана првиот демократски избран претседател на Чешка. Овие денови Чесите го слават роденденот на својот починат претседател кого го доживуваат како татко на нацијата. Основачот на Повелбата 77, уметник, дисидент и политичар остави силна трага не само во чешката, туку во светската историја на промени како борец за слобода и права. Во чест на една од најважните личности кои го обележаа 20 век во светската и европска политика, НОВАТВ го пренесува преведот на писмото на Вацлав Хавел до Густав Хусак, еден од првите јавни ангажмани кои го најавуваат Хавел на сцената на борбата за човекови права.

“Почитуван д-р Хусак” (април 1975), упатено до д-р Густав Хусак, кој тогаш беше генерален секретар на Комунистичката партија на Чехословачка, е првата голема јавна изјава на Хавел откако беше на црната листа во 1969 година. Писмото беше првпат објавено на англиски, во “Средба” (септември 1975). Тоа подоцна се појави во неколку антологии на чешката книжевност, во “Вацлав Хавел или живeeње во вистината”, едитирано од Јан Владислав (Лондон: Фабер и Фабер, 1986)

Драг г-не Хусак,

Во нашите канцеларии и фабрики се работи и дисциплината владее. Напорите на нашите граѓани имаат видливи резултати, што се гледа преку растот на животниот стандард: луѓето градат куќи, купуваат автомобили, имаат деца, се забавуваат, си го живеат животот.

Сето ова, секако, не претставува речиси никаков критериум за успехот или неуспехот на вашите политики. По секој општествен пресврт луѓето секогаш на крајот се враќаат на својата секојдневна работа, од едноставна причина затоа што сакаат да продолжат да живеат; ова го прават поради себе, на крајот на краиштата, а не поради овој или оној тим на политички лидери.

Не дека одењето на работа, купувањето, и живеењето на сопствениот живот е сѐ што прават луѓето. Тие прават многу повеќе од тоа: тие се посветуваат на бројни производствени норми кои ги исполнуваат или преисполнуваат; гласаат како еден и едногласно ги избираат кандидатите кои им се предложени; активни се во повеќе политички организации; одат на средби и демонстрации; даваат поддршка на сѐ што треба да дадат поддршка. Никаде не може да се види трага од несогласување со она што го прави владата.

Овие факти, секако, не треба да се гледаат со потсмев. Човек мора сериозно да се запраша, во тој момент, дали сето ова не го потврдува успехот во извршувањето на задачите кои самиот ваш тим ги постави – оние во однос на освојувањето на поддршката од јавноста и консолидирање на ситуацијата во државата.

Одговорот мора да зависи од тоа што подразбираме под „консолидација“.

Доколку таа се мери според статистички податоци од различен вид, официјални изјави и полициски записи од политичката вклученост на јавноста, и така натаму, тогаш можеме без сомнение да заклучиме дека консолидацијата е постигната.

Но што ако сметаме дека консолидацијата е нешто повеќе, дека е состојба на умот во едно општество? Да претпоставиме дека би започнале да бараме поиздржливи, посуптилни и понеодредливи, но бездруго значајни фактори, како на пример, какво вистинско, лично и човечко искуство се крие зад сите тие бројки? Да претпоставиме дека би прашале, на пример, што е направено за моралното и духовното оживување на општеството, подобрувањето на вистински човечките димензии на животот, издигнувањето на човекот на повисоко ниво на достоинство, за неговата вистински слободна и автентична позиција во овој свет? Што би откриле кога би го свртеле вниманието од обичните надворешни манифестации, до внатрешните причини и последици, нивната поврзаност и значење, накратко, на тоа помалку видливо ниво на реалност каде што таквите манифестации би можеле да се исполнат? Дали можеме, дури и тогаш, да го наречеме нашето општество „консолидирано“?

Ќе се осмелам да кажам „не“; тврдам дека, покрај сите однадвор убедливи факти, одвнатре нашето општество е далеку од консолидирано, напротив, тоне уште подлабоко во криза која е на повеќе начини поопасна отколку која било криза од нашето непосредно минато.

Ќе се обидам да го докажам ова тврдење.

Основното прашање е следново: Зошто луѓето се однесуваат онака како што се однесуваат? Зошто ги прават сите оние нешта, кои, сумирани, даваат импресивна слика за сосема обединето општество кое целосно ја поддржува својата влада? За секој набљудувач кој нема предрасуди, мислам дека одговорот е очигледен: Стравот ги тера на тоа.

Од страв да не ја загуби работата, наставникот предава работи во кои не верува; од страв за својата иднина, ученикот ги повторува истите тие работи; од страв да не не му дозволат да го продолжи образованието, младиот човек се прклучува кон Младинската лига и учествува во потребните активности; стравот дека, поради монструозниот систем на политички кредити, синот или ќерката нема да ги добијат потребните поени за запишување во училиште, го тераат таткото да преземе секакви обврски за „доброволно“ да направи се’ што е потребно. Стравот од последиците на одбивањето ги тера луѓето да учествуваат на избори, да гласаат за предложените кандидати и да се преправаат дека им се важни таквите церемонии – како што е изборниот процес; од страв за својот живот, позиција или можности, тие одат на средби, гласаат за секоја резолуција за која мораат, или најмалку што прават е да молчат: стравот ги спроведува низ понижувачкиот чин на себе-критикување и каење, и неискреното пополнување на еден тон деградирачки прашалници; се плашат дека некој ќе пренесе информација против нив и затоа во јавност, а често и во приватноста, не го искажуваат своето вистинско мислење. Стравот од финансиски последици и напорот за себе-подобрување и претставување во добро светло пред авторитетите, тоа е она што најчесто ги тера работниците да ги стават своите имиња на договорите за работа; секако, истите мотиви често лежат и зад основањето на Социјалистичките трудови бригади, по јасното сфаќање дека нивната шефовска функција ќе биде спомената во извештаите кон повисоките нивоа. Стравот ги тера луѓето да присуствуваат на сите оние официјални прослави, демонстрации и маршови: Стравот од тоа да бидат спречени во вршењето на својата работа тера многу научници и уметници да бидат приврзани на идеи кои всушност не ги прифаќаат, да пишуваат работи со кои не се согласуваат или знаат дека се погрешни, да се приклучуваат на официјални организации или да учествуваат во работата на оние за кои имаат најлошо мислење, или да ги искривуваат и осакатуваат сопствените дела. Во обид да се спасат, тие дури може да сведочат дека други им го прават она што тие самите го прават на оние против кои сведочат.

Стравот за кој зборувам, секако не треба да се сфати во вообичаената психолошка смисла како дефинитивна и прецизна емоција. Повеќето од луѓето околу нас не се тресат како листови на гранки: тие носат маски на самоуверени и задоволни граѓани. Ние сме засегнати од стравот во подлабока смисла, етичка смисла; имено, помалку или повеќе свесното учество во колективното свесно на перманетна и сеприсутна опасност; анксиозност за тоа што е, или може да биде, под закана; постепено навикнување на оваа закана како суштински дел од реалниот свет; зголемениот степен на кој, на повешт и по суштински начин, минуваме низ различни видови надворешна адаптација, како единствен ефективен метод на самоодбрана.

Природно, стравот не е единствената потпора на сегашната општествена структура.

Бездруго, тој е главниот, основниот материјал, без кој дури и тој површински униформитет, дисциплина и едногласност на кој официјалните документи ги базираат своите тврдења за „консолидираноста“ на ситуацијата не може да се постигне.

Секако, се појавува прашањето: Од што луѓето всушност се плашат? Судења? Мачење? Губење на имот? Депортации? Егзекуции? Секако дека не. Најбруталните форми на притисок од страна на властите кон јавноста се, за среќа, далечно минато, барем во нашиве околности. Денеска, потиснувањето на луѓето има посуптилна и поселективна форма. Дури и доколку денес нема политички судења – сите знаат како властите ги манипулираат истите – тие претставуваат само екстремна закана, додека главниот напон се наоѓа во областа на егзистенцијалниот притисок. Ова, секако, го остава јадрото на проблемот во голема мера непроменето.

Апсолутната вредност на една закана не е толку важна колку нејзината релативна вредност. Не е толку важно она што некој објективно ќе го загуби, колку субјективната важност што тоа ја има за него, во светот во кој тој живее, со сопствена скала на вредности. Оттука, доколку денес личноста се плаши, на пример, од губење на можноста за работа во сопствената област, овој страв може да биде еднакво силен и да ги предизвика истите реакции, како и – во друг историски контекст – доколку би му се заканувала конфискација на имотот. Дефинитивно, техниката на егзистенцијален притисок е на некој начин поуниверзална. Не постои никој во нашата држава кој во поширока смисла е егзистенцијално неранлив. Секој има што да загуби и според тоа, секој има причина за страв. Опсегот на нешта кои некој може да ги загуби е голем, од разновидните привилегии на владејачката елита и специјалните можности кои ги имаат моќниците – како на пример уживањето во работа на мир, напредувањето и заработувачката, можноста за работа во сопствената област, пристап до високо образование – до самата можност за живеење во тој ограничен простор на правна сигурност која ја имаат другите граѓани, наместо позиција во специјалните рангови каде не важат ниту законите кои важат за другите луѓе, со други зборови, меѓу жртвите на чехословачкиот политички апартхејд. Да, секој има што да загуби. Дури и најобичниот помошник може да биде спуштен на уште пониска и полошо платена позиција. Дури и тој може да биде сурово казнет за искажување на своето мислење на средба, или во паб.

Овој систем на егзистенцијален притисок, кој го опфаќа целото општество и секој поединец во него, дали како одредена секојдневна закана или општа непредвидлива можност, секако не би можела да функционира ефективно доколку не би имала поддршка од побрутални видови на притисок – својата заднина во структурата на моќ, имено, таа сила која ја прави сеопфатна, комплексна и цврста: сеприсутната, семоќна државна полиција.

Тоа е оној грозен пајак чија невидлива мрежа го покрива целото општество; ова е точката на исчезнување каде сите линии на стравот се преплетуваат; ова е конечниот и непобитен доказ дека ниеден граѓанин не може да се надева дека ќе ја оспори моќта на државата. Дури и доколку повеќето луѓе, најчесто, не можат да ја видат таа мрежа со сопствените очи, ниту да ја допрат, дури и најпростиот граѓанин знае дека таа постои, свесен е за нејзиното бесшумно присуство секогаш и секаде, и се однесува соодветно, за да се искупи себеси пред тие скриени очи и уши. И многу добро знае зошто мора да го прави тоа. Затоа што тој пајак може да интервенира во нечиј живот без да го има човекот во челуста. Нема потреба од испрашување, поднесување пријави, судење и одредување казна. Претпоставените исто така се вплеткани во таа мрежа; и на секое ниво каде се одлучува нечија судбина, има луѓе кои соработуваат или се приморани да соработуваат со полицијата. Оттука, самиот факт дека полицијата може да интервенира во нечиј живот во секое време, без личноста да има можност да интервенира, е доволен за да се одземе нечиј живот или дел од неговата природност и автентичност, и истиот да се претвори во некаква бесконечна дисимулација.
Доколку стравот лежи зад обидите на луѓето да го зачуваат она што го имаат, станува очигледно дека главните импулси за нивните агресивни напори да го добијат она што го немаат се себичноста и кариеризмот.

Ретко во скорешно време некој општествен систем да понудил нешто вакво, толку отворено и толку дрско, на луѓе кои се подготвени да поддржат сѐ, се додека им нуди некаква предност; на луѓе без принципи, без’рбетници, подготвени на сѐ во својата жед за моќ и лична корист; на родените полтрони, подготвени на понижување и на жртвување на својата чест и честа на своите блиски, само за да можат да се прикажат во добро светло пред моќниците.

Знаејќи го ова, не е изненадувачки што толку многу јавни и влијателни позиции се зафатени, сега повеќе од кога било, од озлогласени кариеристи, опортунисти, шарлатани и луѓе со сомнително досие; накратко, од типични соработувачи, луѓе со посебна дарба да се убедат себеси во секој момент дека нивната валкана работа е начин нешто да се спаси, или барем да се спречи полоши луѓе да дојдат на нивното место. Исто така не е изненадувачки што, во такви околности, таа корупција меѓу јавните службеници од секаков вид, нивната волја отворено да примаат поткуп за што било и бесрамно да си дозволуваат да бидат понесени од какви и да се фактори кои ги диктираат нивните лични интереси и алчноста, е поприсутна повеќе отколку што можеме да се присетиме во последната деценија.

Бројот на луѓе кои искрено веруваат во сѐ што вели официјалната пропаганда, и кои несебично го поддржуваат авторитетот на владата, е помал од кога и да е. Но бројот на лицемери стабилно расте: во еден момент, всушност, секој граѓанин е присилен да биде лицемер.
За оваа обесхрабрувачка ситуација, секако, има логични причини. Ретко кога во последно време еден режим се грижел толку малку за реалните ставови на отворено лојалните луѓе, или за искреноста на нивните изјави. Доволно е да се увиди дека никој, низ сето тоа себе-критикување и каење, навистина не се грижи дали луѓето го мислат она што го велат, или само ја земаат предвид сопствената придобивка. Всушност, може слободно да се каже дека втората претпоставка се прави, помалку или повеќе, автоматски, а во тоа не се гледа ништо неморално. Навистина, изгледите за лична корист се користат како главен аргумент при таквите изјави. Најчесто, никој не се обидува да го убеди покајникот дека погрешно постапил, туку само дека мора да се покае за да се спаси. Истовремено, придобивките кои му се посочуваат раскошно се величаат, додека горчината која останува по чинот на покајување, се претставува како илузија.

А доколку некој ексцентрик искрено се покае и тоа го покаже, на пример, преку одбивање на соодветната награда, режимот најверојатно би го гледал под лупа на сомнение.
На некој начин, сите сме јавно поткупувани. Доколку ја прифатите оваа или онаа официјална работна позиција – не како средство за помагање на колегите, туку на менаџментот – ќе бидете наградени со вакви и онакви привилегии. Доколку се приклучите кон Младинската лига, ќе имате пристап до вакви и такви форми на забава. Доколку, како креативен уметник, придонесувате кон вакви и онакви официјални позиции, ќе бидете наградени со вакви и такви креативни можности. Мислете што сакате во вашата приватност; сѐ додека се согласувате во јавност, воздржувајте се од создавање потешкотии, потиснувајте го вашиот интерес за вистината, и замолчете ја својата совест, па вратите ќе ви бидат ширум отворени.

Доколку принципот на надворешна адаптација се претвора во клуч за успех во општетвото, би се запрашале какви човечки квалитети ќе се поттикнуваат и какви луѓе би напредувале?

Некаде меѓу ставот на себе-заштитување од светот поради страв, и агресивната желба за освојување на светот за своја лична корист, има цела палета на чувства кои би било погрешно да се игнорираат, затоа што и тие играат значајна улога во создавањето на моралната клима на денешново „обединето општество“: чувства на индиферентност и сѐ што доаѓа со нив.

Изгледа како шоковите од неодамнешното минато, и видот на системот кој се воспоставува во државата, да направиле луѓето да ја загубат вербата во иднината, во решавањето на јавните прашања на правилен начин, во значењето на борбата за вистината и правдата. Избегнуваат сѐ што излегува надвор од нивните секојдневни, рутински грижи за сопствениот живот; бараат начини за бегство; тонат во апатија, индиферентност кон вредностите над оние личните, и кон останатите луѓе, во спиритуална пасивност и депресија.

И секој кој сѐ уште се обидува да се спротивстави, на пример, преку одбивање на принципот на дисимулација како клуч за опстанок, сомнеж кон вредноста на секое себе-исполнување купено по цена на себе-оттуѓување – таквата личност им изгледа на уште поиндиферентните блиски како ексцентрик, како будала, Дон Кихот, и на крајот кон него стекнуваат аверзија, како и кон сите кои се однесуваат различно од останатите, на начин кој се заканува да го закачи огледалото на критиката пред нивните очи. Или пак, тие индиферентни луѓе би можеле да ја избркаат таа личност од нивната близина, или да ја избегнуваат, колку само така да изгледа, додека тајно сочувствуваат со него, надевајќи се дека ќе си ја смират совеста со прикриено одобрување на некој кој се однесува како што и тие треба да се однесуваат, но не можат.

Парадоксално, додуша, оваа индиферентност стана активна сила во општеството. Нели токму таа индиферентност, а не стравот, е она што ги води луѓето до гласачките места, средбите, членството во официјалните организации? Нели политичката поддршка која ја има режимот во голем степен се должи на рутина, навика, автоматизам, или мрзеливост, зад кои не стои ништо друго освен целосно откажување? Учеството во политичките ритуали во кои никој не верува е бесцелно, но тоа обезбедува мирен живот – и нели би било уште побесцелно да не се учествува? Човек не би добил ништо, а во процесот би го загубил и мирниот живот.

Повеќето луѓе не сакаат да ги минуваат деновите во постојан конфликт со властите, особено кога единствениот можен исход е поразителен за изолираниот поединец. Тогаш зошто да не го направите она што се бара од вас? Не ве чини ништо, а со време престанувате да се заморувате околу тоа. Не вреди да размислувате за тоа.

Очајот води до апатија, апатијата до конформизам, конформизмот до рутински учинок – што потоа се цитира како доказ за „масовна политичка вклученост“. Сето ова се користи за создавање на современиот концепт на „нормално“ однесување – концепт кој во својата суштина е длабоко песимистички.

Колку повеќе човекот ја губи надежта за општа реформа, секој интерес за цели и вредности кои се над личните, или секоја можност за влијание „кон надвор“, толку повеќе енергијата се пренасочува во правецот со најмалку отпор, т.е. „навнатре“. Денеска луѓето се презафатени со себеси, своите семејства и домови. Таму наоѓаат одмор, таму можат да го заборават секојдневното безумие и слободно да ги практикуваат своите креативни вештини. Ги полнат своите домови со секакви апарати и убави нешта, се обидуваат да си ги подобрат условите, да го направат животот попријатен за себеси, градат колиби, се грижат за своите автомобили, покажуваат поголем интерес за храна, облека и удобност во домот. Накратко, вниманието им е пред сѐ насочено кон материјалниот аспект на нивните приватни животи.

Јасно е дека оваа социјална ориентација создава поволни економски резултати. Поттикнува подобрување на запоставените области од производството на стоки за широка потрошувачка и јавните услуги. Помага да се подигне општиот животен стандард. Од економски аспект, ова е значаен извор на динамична енергија, способна барем делумно да го развие материјалното богатство на општеството, нешто што нефлексибилниот, бирократски и непродуктивен државен економски сектор може само да се надева дека ќе го постигне. (Доволно е да се спореди градбата на државни и приватни објекти за домување од аспект на квантитет и квалитет.)

Властите го поздравуваат и поддржуваат ова прелевање на енергијата во приватната сфера.

Но зошто? Затоа што го стимулира економскиот развој? Секако, тоа е една причина. Но целата суштина на тековната политичка пропаганда и практика, тивко но систематско аплаудирање на оваа „внатрешна“ насоченост како суштина на човековото постоење на земјата, доволно јасно покажува зошто властите навистина го поздравуваат овој пренос на енергија – тие гледаат што всушност тој е, во неговиот психолошки зачеток: бегство од јавната сфера. Ценејќи дека таквиот вишок енергија, доколку се насочи „кон надвор“, порано или подоцна ќе се сврти против нив – т.е. против тие форми на моќ кон кои тврдоглаво се придржуваат – тие не се двоумат околу тоа да претстават како човечки живот нешто што реално е очајна замена за животот. Во интерес на беспрекорното раководење со општеството, тогаш вниманието на општеството намерно се насочува настрана од себеси, т.е. од социјалните проблеми. Преку фиксирање на целосното внимание на една личност на нејзините плитки потрошувачки интереси, тие се надеваат дека личноста ќе биде неспособна да го согледа високиот степен на духовно, политичко и морално силување кое го трпи. Спуштањето на личноста на ниво на сад за идеали на примитивно потрошувачко општество е со намера личноста да се претвори во попустлив материјал за комплексна манипулација. Според ова, опасноста дека личноста може да развие желба да го реализира безмерниот и непредвидлив потенцијал кој го има како човечко суштество треба да се пресече со ограничување на личноста во тесниот опсег улоги кои може да ги игра како потрошувач, во границите на централно раководен пазар.

Сите докази укажуваат на тоа дека властите употребуваат прилично соодветен метод за справување со суштество чија единствена цел е да се зачува себеси. Барајќи ја патеката со најмал отпор, тие сосема ја игнорираат цената која мора да се плати за овој суров напад на човековиот интегритет, брутална кастрација на човечноста на човекот.

Сепак, истите овие власти опсесивно се правдаат со нивната револуционерна идеологија, во која идеалот на целосното ослободување на човекот зазема централна позиција! Но што всушност се случи со концептот на човековата личност и нејзиниот сестран, хармоничен и автентичен развој? Од човекот ослободен од стегите на оттуѓувачката општествена машинерија, од митската хиерархија на вредности, формализирани слободи, од диктатурата на имотот, фетишот и моќта на парите? Што се случи со идејата дека луѓето треба да живеат целосно уживајќи ја социјалната и законската правда, да имаат креативен удел во економската и политичката моќ, да бидат издигнати од аспект на достоинството и навистина да станат она што се? Наместо слободен удел во економското одлучување, слободно учество во политичкиот живот, и слободен интелектуален напредок, на луѓето само им се нуди можност слободно да одлучат која машина за перење или фрижидер сакаат да го купат.

Во преден план тогаш стои наметнатата фасада од грандиозни хуманистички идеали – а зад неа се прикрива скромната семејна куќа на социјалистот-буржоаз. Од една страна, бомбастичните слогани за невидениот раст на секаков вид слобода и уникатната структурална разноликост на животот; а од друга страна, невидено сивило и валканост на животот, спуштен на ниво на лов на потрошувачки стоки.

Некаде на врвот на хиерархијата на притисоци под кои човекот е принуден да биде послушен член на потрошувачкото стадо, стои, како што навестив, прикриената, семоќна сила: полицијата. Не е случајност, претпоставувам, дека ова тело во потполност го илустрира јазот меѓу идеолошката фасада и секојдневната реалност. Секој кој имал таква среќа лично да го искуси „начинот на работа“ на таа институција, мора да е заинтригиран од официјалното објаснување за нејзината цел. Дали некој навистина верува дека тоа лигаво јато од илјадници ситни информанти, професионални тужи-баби, искомплексирани, подли, љубоморни, злонамерни мали буржоази и бирократи, таа смрдлива колекција на предавство, избегнување, измама, озборување и интриги „го покажува отпечатокот на работникот, ја чува владата на народот и нејзините револуционерни достигнувања против шемите на непријателите“? Кој би бил понепријателски расположен кон вистинска влада на работниците – доколку не беше сѐ наопаку – отколку тие мали буржоази, секогаш подготвени да направат нешто, да се залепат на нешто, негувајќи си ја искривената самодоверба преку поткажување на сограѓаните, суштество кое е јасно забележливо зад редовните процедури на тајната полиција како вистинскиот духовен автор на нивниот „начин на работа“?

Би било тешко да се објасни целиот овој гротескен контраст меѓу теоријата и практиката, освен како природна последица на вистинската мисија на полицијата денес, која не е да се брани слободниот развој на човекот од непријателите, туку да се заштитат непријателите од заканите кои би се појавиле од обидите за слободен развој на човекот.

Контрастот меѓу револуционерните учења за новиот човек и новиот морал, и евтиниот концепт на животот како потрошувачка безгрижност, го поставува прашањето за тоа зошто властите всушност се придржуваат толку упорно до нивната идеологија. Јасно, само затоа што нивната идеологија, како конвенционализиран систем на ритуални комуникации, им обезбедува изглед со легитимитет, континуитет и конзистентност, и служи како приказ на престижот за нивните прагматични практики.

Вистинските цели на оваа практика, секако, оставаат траги на официјалната идеологија на секој чекор. Од срцевината на таа бесконечна планина на идеолошка реторика со која властите неуморно се обидуваат да ги заматат умовите на луѓето, и чија комуникациска вредност е нула, јавноста главно едвај забележува, извира една специфична и значајна порака, еден реалистичен совет: „Избегнувајте ја политиката доколку можете; оставете ни го тоа нам! Само правете како што ќе ви речеме, немајте некои длабоки мисли, и не се мешајте во нешто што не е ваша работа! Молчете, работете, внимавајте на себеси – и ќе ви биде добро!“
Луѓето го прифаќаат овој совет. Една точка за која луѓето лесно можат да се согласат со владата е дека луѓето треба да заработуваат за живот. Па зошто тогаш ова да не се искористи? Особено доколку и онака немате друг избор.

И на крајот, каде води целава ситуација која се обидов да ја истакнам тука?

Со други зборови, кој е ефектот над луѓето во систем базиран на страв и апатија, систем кој ги води сите во лисичја дупка на исклучиво материјално постоење и им нуди хипокризија како главен облик на комуникација со општеството? На кое ниво е спуштено општеството од политика чија единствена цел е површен ред и општа послушност, без разлика со кои средства и по која цена се добиени?

Не треба многу фантазија за да се согледа дека таквата ситуација може само да води кон постепена ерозија на сите морални стандарди, распаѓање на сите критериуми на пристојност, и далекусежно уништување на вербата во значењето на вредностите како што се вистината, придржувањето кон принципите, искреност, алтруизмот, достоинството и честа. Насред длабинска деморализација, растејќи од загубата на надежта и вербата дека животот има значење, животот мора да потоне на биолошко ниво, ниво на вегетирање. Може само уште еднаш да нѐ соочи со оној трагичен аспект на човековиот статус во модерната технолошка цивилизација, обележана од падот на свесноста за апсолутното, која предлагам да ја наречеме „криза на човековиот идентитет“. Како може распадот на човековиот идентитет да се забави од систем кои толку сурово бара од човекот да биде нешто што не е?

Редот е воспоставен. По цена на парализа на духот, замирање на срцето, и уништување на животот. Постигната е површинска „консолидација“. По цена на духовна и морална криза во општеството.

За жал, најлошиот момент во оваа криза е што се продлабочува. Треба само да го издигнеме погледот малку над нашата ограничена секојдневна перспектива за да сфатиме со ужас колку брзо напуштаме позиции кои вчера сме одбиле да ги напуштиме. Општествената свесност која вчера се сметала за несоодветна, денес е оправдана; утре ќе се смета за природна, а ден потоа ќе ни биде модел за однесување. Она што вчера сме го сметале за невозможно, или сме мислеле дека никогаш нема да се навикнеме на тоа, денес го прифаќаме, без вчудоневидување, како животен факт. И обратно, нешта кои до вчера сме ги земале здраво за готово, денес ги сметаме за исклучоци: а наскоро, којзнае, можеби ќе ги сметаме за недостижни химери.

Промените во нашата проценка на „природното“ и „нормалното“, промените на моралните ставови во нашето општество во последните неколку години се поголеми отколку што изгледаат на прв поглед. Како што се зголемува нашата нечувствителност, природно се намалува и нашата способност за препознавање на таа нечувствителност.

Болеста се шири од плодовите и лисјата кон стеблото и коренот. Тогаш, најсериозните причини за алармирање се согледувањата кои сегашната ситуација ги отвора за иднината.

Главната патека по која општеството внатрешно расте, се збогатува и негува е патеката на спознавање во поголема длабочина, опсег и суптилност.

Главниот инструмент на само-спознавањето на општеството е неговата култура: културата како специфично поле на човекова активност, која влијае на општата состојба на умот – иако често индиректно – и истовремено постојано е предмет на негово влијание.

Онаму каде целосната контрола врз општеството сосема го потиснува неговиот диференциран внатрешен развој, првото нешто што се потиснува редовно е културата: не само „автоматски“, како феномен суштински спротивен на „духот“ на манипулацијата, туку како материја на намерно „програмирање“ инспирирано од оправдана анксиозност дека општеството е алармирано до степен на сопствено потчинување преку културата која му ја дава свесноста за себе. Културата му овозможува на општеството да ја зголеми својата слобода и да ја открие вистината – па тогаш каква привлечност може да има за властите, кои во основа се трудат да ги потиснат таквите вредности? Тие препознаваат само една вистина: онаа која им е потребна во дадениот момент. И само еден вид слобода: да ја прокламираат таа „вистина“.

Светот во кој „вистината“ цвета не во дијалектичка клима на вистинско знаење, туку во клима на интереси за моќ, е свет на ментална стерилност, скаменети догми, ригидни и непроменливи верувања, кои неизбежно водат кон деспотизам без кредо.

Тоа е свет на забрани, ограничувања и наредби, свет каде културната политика значи пред сѐ функционирањето на културната полиција.

Многу е зборувано и пишувано за степенот на уништување кој го има достигнато денешнава култура: за стотиците забранети книги и автори и десетиците ликквидирани периодични изданија; делкањето на издавачки проекти и театарски репертоари и пресекувањето на секаков контакт со интелектуалната заедница; за грабежите во изложбените сали; за гротескниот опсег на гонењето и дискриминацијата која ја има во тоа поле; за распадот на сите поранешни уметнички здруженија и безбројни образовни институти и нивна замена со фиктивни тела водени од мали банди на агресивни фанатици, озлогласени кариеристи, непоправливи кукавици, и неспособници кои сакаат брзо да се збогатат, анксиозно чекајќи ја својата шанса во општата празнина. Наместо повторно да ги опишам сите овие нешта, ќе понудам некои согледувања за подлабоките аспекти на оваа состојба, кои се тесно поврзани со темата на моево писмо.

На прво место, без разлика колку е лоша сегашнава ситуација, тоа сѐ уште не значи дека културата сосема престанала да постои. Се играат претстави, има секојдневни телевизиски програми, дури и книги се објавуваат. Но оваа отворена и легална културна активност, во целина има една основна карактеристика: општа екстернализација поради тоа што е во голема мера оттуѓена од својата суштина, преку нејзината целосна кастрација како инструмент на човечка, а со тоа и општествена, само-свесност. А кога ќе се појави нешто со навистина несомнена вредност, на пример одличен драмски перформанс, за да останеме на полето на уметноста, тогаш тоа изгледа како феномен кој треба да се толерира поради својата суптилност и префинетост, и оттука, од официјална гледна точка, неговата релативна безопасност како придонес кон општествената само-свесност. Дури и тука, пред таквиот придонес да почне да се перцепира, властите инстинктивно почнуваат да се бранат: постојат познати случаи кога на добар актер му било забрането да работи, едноставно поради тоа што бил премногу добар.

Но тоа не е она што во моментов ме загрижува. Она што ме интересира е како оваа екстернализација работи на полиња каде што е возможно да се опише човековото доживување на светот многу поексплицитно и каде што функцијата на промовирањето на општествената само-свесност оттука е многу поочигледно исполнета.

На пример, да речеме дека некое литературно дело, на пример претстава, несомнено вешто направена, сугестивна, генијална, полна со значење, се објави (ова навистина се случува одвреме-навреме). Без разлика какви се другите квалитети на делото, во едно нешто секогаш можеме да бидеме сосема сигурни: дали преку цензура или авто-цензура, поради карактерот на писателот, или неговото само-залажување, како последица на откажување или пресметување, никогаш нема да премине ниту центиметар подалеку од табуата на баналната, конвенционална и оттука, во суштина измамничка општествена свест, која го нуди и прифаќа како вистинско искуство самиот изглед на постоење на искуство – сплет на беспрекорни, банални, површни тривијалности на искуството; со други зборови, бледите рефлексии на таквите аспекти на искуството како општествена свест одамна се усвоени и прифатени. И покрај, или поради, овој факт, секогаш ќе има луѓе кои таквото дело ќе го сметаат за забавно, возбудливо и интересно, иако не фрла светлина, ниту зрак вистинско знаење во смисла на тоа дека открива нешто непознато, искажува нешто некажано, или дава нови, спонтани и ефективни докази за нешта за кои досега сме можеле само да претпоставуваме. Накратко, преку имитација на реалниот свет, таквото дело всушност го фалсификува реалниот свет. Во однос на самите форми кои ги зазема оваа екстернализација, не е случајност што чешмата која најчесто се пушта треба да биде онаа која, поради својата докажана безопасност, наишла на најтопол пречек од властите во нашата земја, без разлика дали се буржоаски или пролетаријатски. Тука мислам на естетиката на баналното, удобно вгнездено во четирите ѕида на генијалната моралност на малата буржоазија; сентименталната филозофија на сеопфатноста, селската природност, провинцијалската концепција на животот, заснована на верувањето во неговата општа добрина. Мислам на естетската доктрина, чиј камен-темелник е култот на десно-ориентираниот медиокритет, поставен во старото национално само-задоволување, воден од принципот дека сѐ мора да биде под конец, тривијално, и поедноставено, и кој кулминира во тој важен оптимизам кој најпростото толкување го става на изреката „Вистината ќе победи“.

Денес, како што и самите знаете, постои недостаток на дела дизајнирани да дадат летературна изразеност на владината политичка идеологија, а неколкуте што ги има јасно е дека се слаби според професионалните стандарди. Ова не е само затоа што нема кој да ги напише, туку сигурен сум, колку и да изгледа парадоксично, затоа што тие не би биле добредојдени. Од гледна точка на современите ставови (односно тие на потрошувачкото општество) доколку такви дела би биле достапни, професионално компетентни и би привлекле нечиј интерес тие би одвлекле премногу внимание “кон надвор”, би олутиле многу стари рани, би испровоцирале со нивниот општ и радикален карактер- преголема општа и политичка реакција и со тоа би разбраниле повеќе корита кои би требало да останат да стагнираат колку што е можно повеќе. Многу посоодветно на вистинските интереси на властите денес е тоа што јас го нарекувам естетика на баналноста, која ја промашува вистината многу понезабележително, прифатливо и убедливо и (бидејќи е многу појасно за конвенционалниот ум) многу повеќе одговара на улогата дадена на културата во потрошувачката филозофија: да не се возбудуваат луѓето со вистината, туку да се успокојуваат со лаги.

Овој уметнички израз, се разбира, отсекогаш доминирал, но во нашата земја секогаш имало некакви пукнатини преку кои барем уметнички дела кои искрено би можело да се рече дека пренесуваат пооригинален вид на човекова самосвест стигнувале до јавноста. Патот на таквите дела никогаш не бил мазен. Тие се соочувале со отпор, не само од властите, туку и од лежерната инерција на конвенционалните ставови. Сепак, се’ до скоро тие секогаш успевале на мистериозен начин, преку итри патишта и ретко без одложување, да стигнат до поединецот и општеството и да ја исполнат својата улога како агенти за општествена самосвест.

Тоа е се’ што е навистина важно. Тоа е точно тоа што јас го сметам за значајно. И токму тоа е тоа што сегашната влада – несомнено за прв пат од времето на нашата национална преродба – успеа скоро целосно да го оневозможи, толку е целосен сегашниот систем на бирократска контрола на културата, толку е совршен надзорот на секоја пукнатина низ која би можело некое големо дело да проникне, толку многу таа група на луѓе, кои ги држат клучевите до секоја врата во нивниот џеб, се плашат од владата и од уметноста.

Вие се разбира би ценеле дека не зборувам за индексите, не набројувам имиња на сите креативни уметници кои имаат целосна или делумна забрана, туку зборувам за многу полоша листа – листа на “празен индекс” во која е вклучено, априори, се’ што би можело да има искра на малку пооригинална мисла, прониклив увид, подлабока искреност, необична идеја или сугестивна форма; зборувам за отворениот налог за апсење на се’ што е внатрешно слободно и оттаму во најдлабоката смисла “културно”, зборувам за налогот против културата издаден од страна на вашата влада.

Повторно се поставува прашањето кое го поставувам уште од самиот почеток. Што значи сето тоа? Кон што води? Какво влијание ќе има врз општеството?

Повторно, ќе посочам на специфичен случај. Повеќето од поранешните културни списанија, како што знаеме, престанаа да се издаваат во нашата земја. Доколку некои преостанале, тие толку се прекроени да одговараат со официјалната политика што тешко можат сериозно да се земат предвид.

Кој е ефектот од сето тоа?

На прв поглед, нема никаков ефект. Тркалата на општеството и понатаму се движат и без тие литературни, уметнички, театарски, филозовски, историски и други магазини чиј број дури и кога постоеја не ги исполнуваа латентните потреби на општеството, но кои сепак постоеја и играа своја улога во него. Колкумина денес се носталчични по такви изданија? Само неколкуте десетици илјади луѓе кои биле претплатени на нив- многу мал дел од општеството.

Сепак оваа загуба е уште подлабока и позначајна отколку што изгледа од дадените бројки. Нејзините вистински импликации се повторно, се разбира, скриени и тешко може точно да се проценат.

Присилната ликвидација на таков весник – теоретски преглед кој се занимава со театар, да речеме – не е само осиромашување на своите читатели. Таа не е дури ни тежок удар врз театарската култура. Таа е истовремено и пред се’, ликвидација на одреден орган преку кој општеството станува свесно за себе и со тоа претставува мешање, тешко да се опише во точната смисла, во комплексниот систем на циркулација, размена и конверзија на хранливи материи кои го одржуваат животот во тој повеќе слоевит организам кој е денешното општество. Тоа е голем удар против природната динамика на процесите кои се одвиваат во тој организам; нарушување на избалансираната игра на сите свои бројни функции, игра која е одраз на нивото на сложеност постигната од страна на анатомијата на општеството. И како што од хроничен недостаток на витамин (кој во квантитативна смисла е само незначителен мал дел од човечката исхрана) може човек да се разболи, така, на долг рок, загубата на едно списание може да предизвика во општествениот организам многу повеќе штета отколку се чини на прв поглед. И што ако загубата не вклучува само едно списание, туку речиси сите?

Лесно е да се покаже дека вистинското значење на знаењето, мислата и создавањето не е ограничена, во стратификуваниот свет на цивилизираното општество, на значењето на овие работи за одреден круг на луѓе кои се првенствено, директно и физички вклучени во нив, или активно или пасивно. Тоа е секогаш една мала група, особено во науката. Сепак, знаењето во прашање, пренесено преку без разлика колку многу посредници, може на крајот длабоко влијае на целото општество, исто како што политиката, вклучувајќи ја и нуклеарната закана, физички се однесува на секој еден од нас, иако повеќето од нас немаат искуство со шпекулациите во теоретската физика, која доведе до производството на атомска бомба.

Дека истото важи и за неспецифично е прикажано од страна на многу историски примери на невиден културен, политички и морален пораст во целото општество, каде што оригиналното јадро на кристализација, катализаторот, беше чин на социјална самосвест извршен и директно и “физички” забележан само од страна на еден мал, ексклузивен круг. Дури и потоа, тој акт можеби остана надвор од аперцепцијата на општеството во целост, но сепак тоа беше неопходен услов за нејзиниот пораст. Никогаш не знаеме кога некои незабележителни искри на знаење ќе удрат во рамките на опсегот на неколку мозочни клетки, специјално адаптирани за самосвест на организмот и одеднаш ќе го осветлат патот за целото општество, без општеството воопшто да примети на кој начин се појавиле. Сепак тоа не е ни од далеку целата приказна. Дури и оние безброј други искри на знаење кои никогаш не го осветлуваат патот напред за општеството како целина имаат длабоко општествено значење, дури и доколку е тоа само преку самиот факт дека тие се случиле; дека тие би можеле просветлат; дека со нивното настанување тие исполниле одреден спектар на можности на општеството – било тоа да се неговите творечки сили, или едноставно неговите слободи; тие, исто така, помогнуваат за создавање и одржување на климата на цивилизација, без која ниту една од поосветлувачките моменти не би се случиле.

На кратко, просторот во кој духовното самосознание делува е неделив; сечење на една нишка мора да и’ наштети на кохерентноста на целата мрежа и тоа ја покажа извонредната меѓузависност на сите оние процеси во општествениот организам за кои зборував, трансцедентната важност на секој еден од нив, а со тоа и трансцедентната деструктивност нанесена со нејзинито нарушување.

Јас не би сакал да сведам се’ на овој единствен и се’ уште релативно мал аспект на проблемот. Сепак, зар тој не го потврдува длабокото штетно влијание врз општата духовна и морална состојба на општеството кое “потерницата против културата” го има и ќе го има во иднина, иако нејзиното непосредно влијание е само врз ограничен број на луѓе?

Доколку не се појави во книжарниците ниеден чешки роман, кој со сигурност може да се каже дека би го збогатил нашето искуство на светот, тоа не би имало никаков ефект врз јавноста. Читателите нема да демонстрираат на улиците и на крајот на краиштата секогаш може да се најде нешто да се прочита. Но, кој ќе се осмели да го процени вистинското значење на овој факт за чешкото општество? Кој знае како јазот ќе влијае на духовната и морална клима во годините што доаѓаат? Колку тоа ќе ја ослаби нашата способност да се спознаеме себеси? Колку длабоко таквото отсуство на културно самоспознание ќе ги обележи оние чие само-осознавање започнува баш денес или утре? Какви ли ридови на мистификација, кои полека се формираат во општата културна свест, ќе треба да се отстранат? Колку назад ќе мора да се оди? Кој може да каже кои луѓе сепак ќе најдат сила да запалат нови огнови на вистината, кога, како и од кои ресурси, откако ќе се случи темелно трошење не само на гориво, туку и на самото чувство дека тоа може да се направи?

Неколку од романите од тој тип, кои се отсутни од книжарниците сепак постојат: тие циркулираат во ракописна форма. Во овој поглед, ситуацијата се’ уште не е безнадежна од сето ова што го реков следува дека ако таков роман, во текот на годините, остане непознат за сите, освен за дваесет луѓе, фактот дека постоел сепак, ќе биде значи нешто. Тоа што постои таква книга значи нешто, тоа дека бил воопшто напишана, дека е жива во барем еден мал простор на културна свест. Но што е со областите во кои тоа не би можело да се оствари, освен преку т.н. легални канали? Како може да се процени штетата која е веќе направена, а сепак да се направи, со застранувањето на секој интересен развој во театрите и филмската индустрија, чија улога како општествени стимули е толку специфична? Колку поголем може да биде долгорочниот ефект на вакуум во хуманистичките науки и во теоријата и практиката на општествените науки? Кој се осмелува да ги измери последиците од насилниот прекин на долгите процеси на самоспознание во онтологијата, етиката и историографијата, кога тие се зависни од пристапот до нормална циркулација на информации, идеи, откритија, и вредности, јавната кристализација на ставовите?

Целокупното прашање тогаш е следното: Каква длабока интелектуална и морална импотенција ќе ја снајде нацијата утре, по кастрацијата на нејзината култура денес?

Се плашам дека деструктивните ефекти врз општеството ќе траат подолго од специфичните политички интереси поради кои настанале. Уште повиновни, во историска смисла, се оние кои ја жртвувале спиритуалната иднина на земјата поради нивните моментални интереси за стекнување моќ.

Исто како што постојаното зголемување на ентропија е основниот закон на универзумот, така и основниот закон на животот е да биде уште повисоко структуиран и да се бори против ентропија. Животот се бунтува против униформноста и израмнувањето; неговата цел не е идентичност, туку разноликост, немир на трансцеденција, авантурата на новината и бунтот против статус кво. Суштински услов за негово подобрување е тајната која постојано се манифестира .

Од друга страна, суштината на авторитетот (чија цел е намалена за заштита на својата трајност со насилно наметнување на униформираност на постојана дозвола) се состои во основа во недовербата во секоја разноликост, уникатност, и трансценденција; во аверзија кон се’ што е непознато, неопипливо и моментлно нејасно; во тенденција за еднообразност, идентичност и инертност; во длабока љубов за состојбата на статус кво. Во неа, механичкиот дух преовладува над виталниот. Редот за кој се залага не е искрена потрага по повисоки облици на општествена само-организација, што е еквивалентно на еволуирачката комплексност на својата структура, туку напротив, тој е пад кон таа “состојба на максимална веројатност” која претставува кулминација на ентропија. Следејќи ја насоката на ентропијата, тоа оди против насоката на живот.

Во животот на една личност, како што знаеме, не постои момент кога комплексноста на структурата почнува одеднаш да се намалува и неговиот пат врти во насока на ентропија. Ова е момент кога и тој подлегнува на општиот закон на универзумот: моментот на смртта.
Некаде на дното на секоја политичка власт кој го избрала патот кон ентропијата (и би сакала да го третира поединецот како компјутер во кој било која програма може да биде внесена со уверување дека тој ќе ја изврши), таму лежи скриен принципот на смртта. Постои мирис на смртта, дури и во поимот “ред”, кој, како орган го става во пракса и кој ја гледа секоја манифестација на вистински живот, секое исклучително дело, индивидуален израз, мисла, секоја необична идеја или желба, како црвено светло кое сигнализира конфузија, хаос и анархија.

Целата политичка практика на сегашниот режим, како што се обидов да ја претставам тука, чекор по чекор, потврдува дека оние концепти кои отсекогаш беа од клучно значење за неговата програма – ред, мир, консолидација, “вадење на нацијата од нејзината криза” “прекин на нарушувањата”, “смирување на лошите темпераменти” и така натаму – конечно се здобија со истото смртоносно значење кое го имаат за секој режим посветен на ентропија.

Точно е дека редот преовладува: бирократски ред на сива монотонија што ја задушува секоја форма на индивидуалност; на механичка прецизност која потиснува се’ што е од уникатен квалитет; на лепливата инерција што ја исклучува трансцедентентноста. Она што преовладува е ред без живот.

Точно е дека во земјата владее мир, мир како во мртовечница или гроб, зар не би се согласиле?

Во општество кое е навистина жив, нешто секогаш се случува. Играта на тековните активности и настани, на отворените и сокриените движења, креира константна сукцесија на уникатни ситуации кои поттикнуваат понатамошно, свежо движење. Мистериозниот, од витално значење поларитет на континуираност и промена, редовното и случајното, предвиденото и неочекуваното, имаат свое влијание во временската димензија и произлегуваат од текот на настаните. Колку повеќе е високо структуиран животот на општеството, толку повеќе е високо структуирана неговата временска димензија, и толку повеќе е истакнат елементот на уникатност и неповторливост во рамките на временскиот проток. Ова, пак, се разбира, овозможува полесно да се одрази неговиот секвенцијален карактер, да го застапува, односно, како неповратен тек на неменливи ситуации, и така , во ретроспектива, да се разбере подобро она што е регулирано од страна на вообичаените закони во општеството. Колку побогат е општествениот живот, толку подобро општеството гледа на димензијата на општествено време, историската димензија.

Со други зборови, таму каде што има простор за општествена активност, има простор и за општествена меморија. Секое општество што е живо е општество со историја.

Ако елементот на континуираност и каузалност е толку витално поврзан во историјата на елементот на неповторливост и непредвидливост, би можеле да се запрашаме како вистинската историја – тој незгаснат извор на “хаосот”, извориште на немири, и шлаканица во лицето на законот и редот – може да постои во свет во кој владее “ентропичен” режим.

Одговорот е едноставен: не е возможно. И, навистина, не постои на површината, во секој случај. Во таков режим, елиминирање на животот во вистинската смисла го носи општественото време до застој, така што историјата исчезнува од нејзиниот домен.

Во нашата сопствена земја , исто така , се добива впечаток дека веќе некое време немало историја. Полека но сигурно, ние го губиме чувството за време. Почнуваме да забораваме што се случило кога, што се случило порано, а што подоцна и чувството дека тоа навистина не е важно не’ обзема. Како што посебноста исчезнува од текот на настаните, така и континуитетот; сè се спојува во една сива слика на еден ист циклус и ние велиме, “Ништо не се случува.” Овде, исто така, смртоносна наредба е изречена: сите активности се целосно организирани и целосно умртвени. Замирањето на чувството на текот на времето во општеството неизбежно го замира и во приватниот живот. Веќе не поддржано од општествената историја или историјата на поединецот во нејзините рамки, приватниот живот се сведува на праисториско ниво, каде што времето го добива својот ритам од настани како раѓање, брак и смрт.

Губењето на чувството на општественото време се чини дека, во секој поглед , го враќа општество во првобитна состојба, каде што, за илјадници години, човештвото не можело да стигне да го измери освен според космичката и климатска шема на бескрајно повторрувачки годишни сезони и на верски обреди поврзани со нив.

Јазот оставен од страна на вознемирувачката димензија на историјата, се разбира, мора да биде пополнет. Така што, нарушувањето на реалната историја се заменува со уредноста на псевдо-историјата, чиј автор не е животот на општеството, туку официјален планер. Наместо настани, ни се нуди недостаток на настани; живееме од годишнина до годишнина, од прославата до прослава, од парадата до парада, од едногласен конгрес до едногласни избори и повторно одново; од еден Ден на печатот до Ден на артилерија и обратно. Не е случајно тоа што, благодарение на оваа замена за историја, ние сме во состојба да направиме преглед на се’ што се случува во општеството, минатото и иднината, со едно едноставно обѕрнување кон календарот. И прочуениот карактер на повторувачките ритуали ги прави таквите информации толку соодветни, како да бевме самите присутни на тие настани .

Она што го имаме, тогаш, е совршен ред – но по цена на враќање во праисторијата. Дури и така, ние мора да дадеме забелешка: додека за нашите предци повторените ритуали секогаш имале длабока егзистенцијална смисла, за нас тие се само рутински изведени колку да се изведат. Владата ги оддржува со цел да создаде впечаток дека историјата се движи. Јавноста ги изведува со цел да не си создаде проблеми.

“Ентропичниот” режим има едно средство за зголемување на општата ентропија во рамките на својата сфера на влијание. Имено, со затегнување на својата централна контрола, со што би станал повеќе монолитен, и со обвивање на општество во лудачка кошула од едно-димензионална манипулација. Но, со секој чекор кој го зазема во оваа насока, тој неизбежно ја зголемува и сопствената ентропија.

Во обид да гo онеспособат светот, тој се имобилизира себеси, ја поткопува сопствената способност да се справи со нешто ново или да се спротивстави на природните струења на животот. “Ентропичниот” режим, со тоа, се осудува себеси да стане жртва на сопствениот смртоносен принцип, и најранливата жртва, благодарение на отсуството на секаков импулс во рамките на својата структура кој би можел да го соочи со себеси. Животот, пак, со својот незадржлив нагон да се спротивстави на ентропијата, е во состојба сè повеќе и поуспешно и инвентивно да избегне да биде нарушен, со се’ побрзото подлегнување на нарушувачката власт на својата склероза.

Во обидот да го парализира животот, тогаш, властите се парализираат себеси и, на долг рок, не се способни да го парализираат живот.

Со други зборови, животот може да биде подложен на продолжен и темелен процес на нарушување, ослабнување и анестезија. Сепак, на крајот, тој не може трајно да биде запрен. Иако тивко, тајно, и полека, тој сепак продолжува. И покрај тоа што е отуѓен од себе илјада пати, тој секогаш успева на некој начин да се опорави; колку и да е насилно силуван, тој секогаш ја преживува на крајот моќта која го силува. Не може да биде поинаку, со оглед на длабоко амбивалентниот карактер на секоја “ентропична” власт, која само може да го потисне животот ако постои живот за да се потисне и така, во краен случај, нејзиното постоење зависи од животот, додека пак животот во никој случај не зависи неа. Единствената сила што навистина може да го уништи животот на нашата планета е сила која не знае за компромис: универзалната валидност на вториот закон на термодинамиката.

Ако животот не може да биде уништен засекогаш, тогаш не може ниту историјата целосно да замре. Таен виор и понатаму се слева под тешката покривка на инерцијата и псевдо-настаните, полека и неприметно поткопувајќи ја. Тоа може да биде долг процес, но еден ден мора да се случи: покривката повеќе нема да додржи и ќе започне да попушта.

Ова е моментот кога уште еднаш нешто видливо почнува да се случува, нешто навистина ново и уникатно, нешто непланирано во официјалниот календар на “случувања”, нешто што не’ прави веќе да не сме рамнодушни кон она што се случува и кога се случува-нешто навистина важно, во смисла дека историјата повторно бара да биде слушната.

Но како, во нашите специфични околности, може да дојде до тоа таа историја да “бара да бидат слушната”? Што значи таква замисла всушност?

Јас не сум ниту историчар, ниту пророк, но сепак постојат некои забелешки кои допираат до структурата на овие “моменти”, кои не може да се избегне да не се направат.
Таму каде што, во одреден степен, има отворен конкурс за моќ како единствена вистинска гаранција за јавна контрола над својата примена и, во крајна линија, единствената гаранција на слободата на говорот, политичките власти мора непланирано да учествуваат во некој вид на постојан и отворен дијалог со животот на општеството. Тие се принудени постојано да се борат со сите видови на прашања кои животот им ги поставува. Каде што нема ваква конкуренција и слободата на говорот е, според тоа, од неопходност, порано или подоцна потиснат – како што е случај со секој “ентропичен” режим – властите , наместо да се прилагодуваат кон животот, се обидуваат да го прилагодат живот на себе. Наместо отворено и постојано справување со вистински конфликти, барања и прашања, тие едноставно ја повлекуваат завесата над нив. Сепак, некаде под оваа покривка, овие конфликти и барања продолжуваат, растат и се множат, само за да пукнат во моментот кога капакот не може повеќе да ги задржи. Ова е моментот кога тежината на инерцијата се урива и историјата излегува повторно во арената .

И што се случува после тоа?

Властите се разбира, се’ уште се доволно силни за да спречат овие витални конфликти да избијат во форма на отворена дискусија или отворено ривалство за моќ. Но тие немаат повеќе сили да се спротивстават на овој притисок заедно. Па така самиот живот провејува каде што може во тајните коридори на моќта, каде што може да инсистира на тајната дискусија и конечно на тајната конкуренција. За ова, се разбира, властите се неподготвени: каков било суштински дијалог со животот е надвор од нивната палета на надлежности. Затоа тие паничат.
Животот сее конфузија во нивните советски комори во форма на лични расправии, интриги, стапици, и конфронтации. Тој дури и ги инфицира своите претставници: смртната маска на безличност која нивните претставници ја носеа за да го потврдат нивниот идентитет со монолитот на моќ одеднаш падна, откривајќи живи луѓе кои се натпреваруваат за моќ на “најчовечкиот” начин и се борат во самоодбрана, еден против друг. Ова е озлогласениот момент за револуции и пучеви во палатата, за ненадејни и однадвор таинствени промени на портфолиото и промени на клучните точки во напишаните говори, мигот кога вистински или замислени заговори и тајни центри се откриваат, мигот кога реални или измислени злосторства се обелоденуваат и античката вина се откопува, моментот за меѓусебни отпуштања, меѓусебно оцрнување, а можеби дури и апсења и судски процеси. Додека претходно секој човек во власта зборува на ист јазик, користи исти клишеа, го поздравува успешното исполнување на истите цели, сега одеднаш монолитот на моќта се распаѓа во препознатливи лица, кои се’ уште зборуваат на ист јазик, но го користат за да направат лични напади еден кон друг. И дознаваме со чудење дека некои од нив – оние, кои загубија во тајната борба за власт – никогаш не ги зеле своите цели сериозно и никогаш успешно не ги исполниле, далеку од тоа – додека други, победниците – навистина го мислеа тоа што го рекоа и се самите способни да ги постигнат своите цели.

Колку повеќе е рационална изградбата на официјалниот календар на ненастани во текот на годините, толку повеќе ирационален е ефектот на ненадејна инвазија на вистинската историја. Сите нејзини долго време потиснати елементи на неповторливост, уникатност, и непроценливост, сите нејзини долго време негирани мистерии, брзо навлегуваат низ пукнатините. Каде што со години не ни беше дозволено ни најмало, најобично изненадување , животот е сега едно огромно изненадување и навистина вреди. Целото безредие на историјата, сокриени под вештачкиот ред низ годините, одеднаш се излева надвор.
Колку добро го знаеме сето ова! Колку често ние сме биле сведоци на тоа во нашиот дел од светот! Машината што работеше со години со очигледно совршенство, без ниту една грешка, без накуцнување, се распаѓа преку ноќ. Системот што се чинеше дека, најверојатно, ќе царува непроменет, свет без крај, бидејќи ништо не може да ја стави под знак прашалник моќта меѓу сите оние едногласни гласови и избори, е разнишана без предупредување. И, на наше изненадување, ќе сфатиме дека ништо не било како што сме мислеле дека било.

Моментот кога таквото торнадо ќе помине преку лепливото здание на скаменети структури на моќ ќе биде, се разбира, далеку од тоа да биде само извор на забава за сите нас кои сме надвор од ѕидините на власта. Затоа што и ние сме секогаш инволвирани, иако индиректно. Зар не се тивкиот постојан притисок на животот, постојано спротивставените, но сепак неодоливи барања и интереси на целото општество, неговите конфликти и тензии, тие кои што повторно и повторно зборуваат за темелите на власта? Затоа не е чудо што општеството постојано се буди одново во такви моменти, се придава на нив, ги прима со голема будност, се возбудува од нив и се обидува да ги искористи! Во речиси секој случај, такви потреси предизвикуваат надежи или стравови од еден или друг вид, креираат – или се чини дека креираат – обем за реализација на различните импулси и амбиции во животот и ги забрзуваат сите видови на движења во општеството.

Сепак, во речиси секој случај, подеднакво е точно дека оваа ситуација, која се должи на неприродната структура на вид на соочување со животот кои таквите потреси на моќ го носат, со себе носи многу непроценливи ризици.

Ќе се обидам да ви откријам еден таков ризик.

Ако секој ден некој добива наредби во тишина од некомпетентни претпоставени, ако секој ден тој свечено изведува ритуали што тој приватно ги смета за смешни, ако тој без двоумење дава одговори на прашалници кои се во спротивност со неговите вистински ставови и е подготвен да се негира себеси во јавноста, ако тој не гледа тешкотија во глумење сочувство, па дури и љубов, каде што, всушност, тој чувствува само рамнодушност или аверзија, тоа сепак не значи дека тој целосно го изгубил едно од основните човекови сетила, имено, чувство на достоинство.

Напротив: дури и ако тие никогаш не зборуваат за тоа, луѓето имаат многу акутна благодарност за цената што ја платиле за надворешниот мир и тишина: постојаното понижување на нивното достоинство. Колку помал директен отпор тие даваат за да се утешат себеси со тоа што нема да мислат на тоа и да се залажуваат себеси со мислата дека тоа не е важно, или пак едноставно ги стегаат своите заби – толку подлабоко искуството се оцртува во нивната емоционална меморија.Човекот кој може да му одолее на понижувањето, брзо може да го заборави; но човек кој долго може да го толерира, долго мора да се сеќава на него.
Всушност, ништо не останува заборавенo. Сиот страв што човек може да го претрпи, прикривањето на кое што еден човек е принуден, сите мачни и деградирачки глупирања и најлошо од се’, можеби, чувството дека сме испаднале кукавици – сето ова се сместува и акумулира некаде во дното на нашата социјална свест, и тивко ферментира. Се разбира, ова не е здрава состојба. Доколку не се лечи апсцесите почнуваат да гнојат, гнојот не може да излезе од телото, и болеста се шири низ организмот. На природната човекова емоција не и е дозволен процесот на објективизација и наместо тоа, заробена е во текот на долги периоди на емоционално паметење, постепено деформирана во болен грч, во токсична супстанција слична на јаглерод моноксид произведен од нецелосно согорување.

Не е ни чудо, тогаш, дека кога кората напукнува и кога лавата од живот избива, таму се појавуваат не само добро обмислени обиди да се поправат старите грешки, не само потраги по вистината и по реформи за исполнување на потребите на животот, но исто така и симптоми на жолчна омраза, одмазднички гнев, и трескава желба за итно надоместување за сета деградација издржана. (Импулсивните и често непостојани форми на оваа желба, исто така, може да гргнат во голема мера од нејасен впечаток дека целата појава доаѓа премногу доцна, во време кога таа го изгубила своето значење, веќе без било каков непосреден мотив, без непосреден ризик, кога таа е всушност само сурогат за нешто што требало да се случи во сосема различен контекст.)

Не е ни чудо, повторно, дека луѓето кои се на власт, навикнати со години на целосен договор, едногласна и безрезервна поддршка, како и целосно единство во комплетно преправање, се толку шокирани од напливот на потиснатите чувства во таков момент што тие се чувствуваат изложени на такви нечуени закани и во ова расположение (сметајќи се себе за единствената гаранција за спасот на светот), исто така детектираат таква невидена закана за остатокот од светот, така што тие не се двоумат да повикаат милиони странски војници за се спасат и себеси и светот.

Ние доживеавме една таква експлозија не така одамна. Оние кои што поминаа години понижувајќи и навредувајќи луѓе и потоа беа толку шокирани кога тие луѓе се обидоа да го кренат својот сопствен глас, сега ја нарекуваат целата епизода “излив на страсти”. И кои се тие страсти што избиле ако може да прашам? Оние кои знаат какво долготрајно и темелно понижување претходеше на експлозијата и кои ја разбираат психо-социјалната механика на последователната реакција треба да бидат повеќе изненадени од релативно мирната, објективна и навистина лојална форма која експлозијата ја зазеде. Сепак, како што сите знаеме, моравме да платиме висока цена за тој момент на вистината.

Властите денес се мошне различни од оние кои владееја пред таа неодамнешна експлозија. Не само затоа што тие беа, така да се каже, “оригинали” и нивните наследници само формализирана имитација, неспособна за одраз на степенот до кој “оригиналите” во меѓувреме ја загубија своите мистика, туку првенствено заради друга причина.

Со оглед на тоа дека претходната верзија се темелеше на вистинска и значајна општествена основа која потекнуваше од доверливата поддршка која беше доделена, иако во опаѓање, кај еден дел од населението, а на подеднакво оригиналната и значителна атрактивност (која исто така постепено испаруваше) на социјалните придобивки кои што првично ги вети, денешниот режим почива исклучиво на инстинктот на владејачкото малцинство за самозачувување и на стравот на владееното мнозинство.

Во овие околности, тешко е да се предвидат сите изводливи сценарија за идниот “момент на вистината”: да се предвиди како таквата сложена и нескриена деградација на целото општество би можела еден ден да побара реституција. И сосема е невозможно да се процени обемот и длабочината на трагичните последици кои таков момент може да ги нанесе и можеби ќе мора да ги нанесе, на нашите две држави.

Во овој контекст, неверојатно е дека Владата, која се рекламира како најнаучна досега не е во можност да ги сфати основните правила на своите операции или да извлече поука од сопственото минато.

Јасно укажав дека не се плашам дека животот во Чехословачка ќе замре, или дека историјата ќе биде суспендирана засекогаш со стапувањето на власт на сегашните лидери. На секоја ситуација во историјата и секоја епоха и следела свежа ситуација и нова епоха, и за добро или за лошо, новите секогаш биле навистина далечни од очекувањата на организаторите и владетелите на претходниот период.

Она од што јас се плашам е нешто сосема друго. Целото ова писмо се однесува, всушност, на она што навистина ме плаши – бесмислените груби и долготрајни последици кои тековните насилни злоупотреби ќе ги имаат за нашите нации. Се плашам дека цената што сите ќе треба да ја платиме за драстичното потиснување на историјата, суровото и непотребно протерувањето на животот во подземјето на општеството и длабочините на човечката душа, новото задолжително одложување на секоја можност за општеството да живее на природен начин. А можеби и е очигледно од она што сум го напишал пред некое време дека јас не сум само загрижен за нашите тековни плаќања во однос на секојдневната горчина од пљачкањето на општеството и човечката деградација, или за тешките даноци кои ние ќе мора да ги плаќаме во долготрајниот духовен и морален пад на општеството. Јас сум исто така загрижен за едвај пресметливата доплата која може да ни биде наметната на нас кога ќе дојде моментот животот и историјата да си ги наплатат своите долгови.

Степенот на одговорност на политичкиот лидер за состојбата на неговата земја мора секогаш да се разликува и, очигледно, не може да биде апсолутна. Тој никогаш не владее сам, така што дел од одговорноста лежи и кај оние кои го опкружуваат. Ниту една земја не постои во вакуум, така што нејзините политики се на некој начин секогаш под влијание на оние од други земји. Јасно е дека претходните владетели секогаш имаат голема одговорност, бидејќи тоа се нивни политики кои однапред ја одредиле сегашната ситуација. Јавноста, исто така, има голема одговорност, како индивидуално, преку дневните лични одлуки на секое одговорно човечко суштество, кои ја креираат целокупната состојба, или колективно, како социо-историска целина, ограничени од околностите и обратно ограничувајќи ги тие околности.

И покрај овие квалификации, кои природно се применуваат во нашата актуелна ситуација како и во сите други, вашата одговорност како политички лидер се’ уште е голема. Вие помагате да се утврди климата во која сите ние треба да живееме и затоа може директно да влијаете врз конечната висина на цената што нашето општество ќе ја плаќа за денешниот процес на консолидација.

Чесите и Словаците, како и секој друг народ, носат во себе истовремено најразлични можности. Имавме, се’ уште имаме, и ќе продолжиме да имаме свои херои, и, подеднакво, информатори и предавници. Ние сме способни за ослободување на нашата имагинација и креативност, да се издигнеме на духовно и морално ниво до неочекувани височини, да се бориме за вистината и да се жртвуваме себеси за другите.

Но во нас лежи подеднакво и тенденцијата да подлегнеме на целосна апатија, да немаме интерес за ништо освен полнење на нашите стомаци, и да го потрошиме нашето време препнувајќи се едни со други. И иако човечките души се далеку од тоа да се само садови за пиво во кои може се’ да се стави (забележете ги арогантните импликации на таа страшна фраза толку честа во официјалните говори, кога се жалат дека “ние” – односно, “Владата” – -смета дека некакви идеи се всадуваат во главите на луѓето), сепак, зависи, многу од лидерите кои од овие спротивни тенденции кои дремат во општеството ќе се мобилизираат, на кој збир на потенцијали ќе им се даде шанса да се исполнат и кои ќе бидат потиснати.

Досега, тоа е најлошото во нас, кое систематски се активира и зголемува – егоизам, лицемерство, рамнодушност, кукавичлук, страв, резигнација и желбата да се избегне секоја лична одговорност, без оглед на општите последици.

Националното лидерство сепак, дури и денес има можност да влијае врз општеството преку неговите политики на начин на кој би го поттикнал не лошото во нас, туку доброто.

Досега, Вие и вашата влада го избиравте полесниот пат за себе си, и најопасниот пат за општеството: патот на внатрешното распаѓање заради одржување на надворешниот изглед; на замирање на животот со цел да се зголеми единството; на продлабочување на духовната и моралната криза на нашето општество, и постојано деградирање на човечкото достоинство, за малата цел да ја осигурате вашата моќ.

Сепак, дури и во рамките на дадените ограничувања, ја имате шансата да сторите многу за барем најмало релативно подобрување на ситуацијата. Ова може да биде повеќе напорен и помалку пријатен пат, чии придобивки нема да бидат веднаш очигледни и кои ќе се соочуваат со отпор од време на време. Но од аспект на вистинските интереси и перспективи на нашето општество, овој пат ќе биде многу позначаен.

Како граѓанин на оваа земја, отворено и јавно барам Bие и вашите претставници на сегашниот режим сериозно да ги земете предвид прашањата на кои се обидов да ви го свртам вниманието, да го процените степенот на вашата историска одговорност и да постапите соодветно.

Април 1975