Од:

ВИДЕО: А да си посвоиме по еден Шкотланѓанец?

Монтажа: Дарко Груевски

Уште не стасана во Даунинг стрит 10, Тереза Меј потврди дека Велика Британија ќе излезе од Европската унија. На прес конференција изјави дека “брегзит значи брегзит”, дека резултатите од реферндумот се јасни и дека нема да се влегува во ЕУ на мала врата.

Оваа изјава остави барем неколку милиони несреќни Британци. Оние кои сакаат да останат дел од Унијата и кои во само неколку дена собраа толку потписи за нов референдум. И сега мораат да си бараат чаре. Да се помират со не-европската судбина или да си бараат нова држава.

Тука се уфрли Романија и покажа дека има смисол за … па да, за британски хумор. Весникот Гандул предложи Романците да ги усвојат сите Британци разочарани од брегзитот. Не е случајно што оваа идеја стаса токму Романија. Откако Велика Британија на 1 јануари 2014 година го отвори работниот пазар за Романците, над 110 илјади за само една година решија среќата да ја побараат на британскиот остров.

За време на референдумска кампања, главниот аргумент на Брегзитовците беше и европската имиграција од екс комунистичките земји. Брегизотовците им ставија на знаење дека не се многу добредојдени во Велика Британија.

Гандул напиша:

“Драги Британци кои верувате во обединета Европа, напуштете ги Брегзитовците, кавгите со нив и лошата клима и почнете прекрасен нов живот во прегратките на сакана романска фамилија”.

Весникот имаше порака и за Романците со вешта игра на зборови од англискиот збор “remain”.

Remain значи остани.

Remainian (Останувач во ЕУ)

Romanian (Романец)

Од кој беше компониран зборот Remainian кој ги означува луѓето кои гласаа за останување во Унијата. Збор кој наликува како капка на капка на зборот Романец на англиски и кој се изговара Romanian:

“Другари Романци, чесните луѓе кои гласале останување ги делат европските вредности и заслужуваат да бидат дел од вашето семејство. Ајде да бидеме доброволци за да може секој Римејнијан да биде усвоен од еден Роменијан.»

Во меѓувреме НОВА откри зошто комесарот Хан го нема нигде жив да се појави. Не, не се крие од нас. Се крие од шкотските новинари. Кои упорно бараат интервју со комесарот за проширување. Сакаат во Унијата како и ние.

Затоа ние имаме предлог: секој жител на Македонија да усвои еден Шкотланѓанец. Добро, со тоа нема веднаш да станат членки на Унијата. Ама ќе бидат кандидати. Со оглед на нашето сонце, повеќе нема да се грижат за темните брегзит облаци надвиснати над шкотското небо.