Од:

Видео: Без многу расправа, пратениците си ги верификуваа мандатите

Новите пратеници во Собранието едногласно и без многу расправа си ги верификуваа мандатите за следниот пратенички состав.

По седницата на Верификационата комисија која траеше околу еден час, претседателот на комисијата Влатко Ѓорчев, од собраниската говорница соопшти дека нема основа за оспорување на мандатите и предложи Собранието да ги верифицира мандатите на сите пратеници.

Неговиот предлог беше изгласан со 114 гласа „За“, по што поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски ја прекина седницата.

На почетокот од собраниската седница, Оливер Спасовски од СДСМ се обрати на пратениците со забелешка дека Вељановски не треба да претседава со конститутивната седница, заради тоа што парламентарната пракса и деловничките одредби говорат дека најстариот пратеник во Собранието треба да претседава со седницата.

„Токму на оваа прва конститутивна седница пак продолжувате по стариот терк и кршење на деловникот и парламентарната пракса и да покажувате едно насилие за кое сите ние барем декларативно се залагаме дека не треба да се случува“, рече Спасовски.

Во Собранието се обрати и Зекирија Ибрахими од партијата БЕСА кој рече дека е загрижен што станува пратеник во состав каде пратеник ќе биде осуденик во Хаг заради злосторства кон Албанците цивили во војната во 2001 година, алудирајќи на Јохан Тарчуловски. Тој го повика Собранието да не го верификува мандатот на овој пратеник.

Трајко Велјановски реплицираше дека за верификација на мандатите се проценува според тоа дали за некоја личност има законски пречки да стане пратеник или не, а не според тоа дали на некого му се допаѓа таа личност.

За збор се пријави и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека изборната кампања е завршена и не може да се бираат пратеници според нечии лични желби.

„Ако направиме список кој на кого му се допаѓа, тогаш тоа ќе ни одземе многу време. Ова Собрание е направено според  волјата на граѓаните“, рече Димовски.

Се уште нема најава за тоа кога седницата ќе продолжи и ќе се бираат претседател и потпретседатели на Собранието, како и кога ќе се гласа за новата влада.



Comments are closed.