Од:

(ВИДЕО)Георгиевски:Очигледно имотот на ВМРО-ДПМНЕ е драстично зголемен

Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, на прашање на НОВАТВ за огромниот имот кој го поседува оваа партија, вели дека и тој е зачуден како станала една од најбогатите партии во Европа.

Георгиевски вели дека додека тој бил на чело на ВМРО-ДПМНЕ, до мај 2003 година, партијата имала свој имот, но не во вредност како што беше објавено во најновото истражување.

СКУП Македонија обелодени дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ на чие чело веќе 13 години е Никола Груевски, поседува објекти, земјоделско земјиште, пасишта, сето тоа со проценета вредност од 60 милиони евра, а само партиското седиште во центарот за Скопје се смета дека е вредно 40 милиони евра.

За споредба централистичката партија во Швајцарија поседува имот од 53 милиони евра, а партијата на Ангела Меркел има имот вреден 50 милиони евра. Растот на имотот на ВМРО-ДПМНЕ почнува во 2006 година.

На денешната прес-конференција Георгиевски меѓу другото повторно ја повтори пораката дека ја поддржува специјалната обвинителка Катица Јанева и дека владејачкото мнозинство во Собранието немало потреба да биде агресивно кон неа.

Како што вели Георгиевски, неговата ВМРО-НП цени дека би било најдобро да му се даде поддршка на СЈО и да заклучи пред изборите кој е оној кој прислушувал во Македонија.