Од:

(ВИДЕО) Хан, Кукан, Вајгел и Флекенштајн во вторник во Скопје

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн во вторник ќе дојдат во Македонија, потврди портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич на денешниот брифинг во Брисел, додавајќи дека целта е да ја повторат цврстата позиција на ЕУ за брзо формирање реформска Влада.

– Можам да потврдам дека комесарот Хан ќе патува во Скопје во вторник, следната недела, на 21 март, заедно со тројцата европратеници Флекенштајн, Кукан и Вајгл. Тие ќе се сретнат со претставниците на сите парламентарни партии, како и со претседателот Иванов и ќе ја повторат цврстата позиција на ЕУ за почитување на исходот од изборите и да се дозволи продолжување на демократските процеси со брзо формирање реформски ориентирана Влада, која ќе продолжи со имплементација на договорот од Пржино, рече Коцијанчич.

Таа потсети на вчерашната изјава на еврокомесарот во Сараево во која ја истакна важноста од регионална соработка и предупреди на ризик од поттикнување на тензиите, вклучително и меѓуетнички, преку изјави или дејствија што ќе ги поткопаат добрососедските односи.

Таа не сакаше да коментира дали се можни посеопфатни преговори и евентуално нов договор, и кусо повтори дека „меѓу работите што треба да се случат е договорот од Пржино да биде имплементиран“.