Од:

ВИДЕО: Кривична пријава за директорите на ЕЛЕМ и РЕК Битола

Битолската невладина организација „За нас се работи“ од Битола поднесе кривична пријава против седуммина директори и раководители на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) и на РЕК Битола поради сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата.

Кривичната пријава се однесува на генералниот директор на ЕЛЕМ Христијан Мицкоски, директорот на РЕК Битола Иван Куковски, директорот за развој и за инвестиции во комбинатот Тони Паспаловски, директорот на рудници Панде Петковски раководителот на отпепелување на РЕК Битола Симо Атанасов, како и одговорното лице на ХТВ-лабораторија Лидија Поповска.

“После сите обиди да укажеме на неподносливоста од загадениот воздух и енормно загадената почва, денес на 16.05.2017 година, го повлековме и последниот чекор кој може да го направи едно здружение на граѓани, и поднесовме кривична пријава против РЕК Битола, како подружница на ЕЛЕМ, во која покрај се наведовме и конкретни имиња и презимиња на лица кои обавуваат одговорни функции и раководни места во Комбинатот. Се надеваме дека кон оваа кривична пријава Основното јавно обвинителство ќе заземе позитивен став и во најкраток можен рок ќе отвори истражна постапка преку која ќе се утврди вина за неодговорноста и нестандардизираниот процес на производство на електрична енергија. Свесни дека РЕК Битола има стратешко значење за државата, напоменуваме дека толку повеќе истиот требало да има посвесен и повнимателен однос кон животната средина, одобено заради жителите кои живеат во неговата непосредна близина и ги трпат последиците кои се резултат на нестандардизираниот производствен процес”, вели Илија Балтовски од здружението “За нас се работи “.

Здружението ги сомничи директорите и раководителите дека во периодот од 2010 година до денес на сопствената депонија, која се наоѓа во непосредна близина на РЕК Битола, во село Новаци, при одложување на отпадот во вид на пепел и на згура, несовесно и со непреземање мерки за заштита на животната средина не го спречиле проширувањето на радиоактивниот отпад низ Пелагониската котлина и блиските села.

Балтовски вели дека тие ќе се обратат и до меѓународни судови се додека проблемот не биде решен.