Од:

(ВИДЕО) Македонија по петти пат на мундијалската сцена

 

Македонија утре попладне (17.45 ч.) го почнува петтото учество на Светските првенства во ракомет во машка конкуренција. Прв ривал на „црвено-жолтите“ во Мец, Франција, е селекцијата на Тунис со која по третпат ќе делат група на мундијал.

Во Вараждин во 2009 година, Тунижаните славеа со 25:24, нашиот национален тим возврати на првенството пред две години во Катар кога триумфiра со 33:25.

Покрај овие два меча, Македонија одигра уште два со претставникот на африканскиот ракомет во кои беше поразена. Особено болен беше ланскиот во Гдањск во квалификациите за Олимпијадата во Рио де Жeнеиро.

Идентичен скор (1 победа и 3 порази) Македонија има и во пресметките со Словенија, но негативен ефект има и со два од останатите три противници на овој мундијал. Шпанија беше подобра во сите четири досегашни натпревари со најдобрата македонска селекција, а Исланд н` совлада во 10 од 12 меѓусебни средби (Македонија има две победи).

Од 13-те Светски првенства по осамостојувањето, Македонија се пласира на пет вклучувајќи го и ова. За првпат настапи во Египет во 1999 година каде не успеа да ја мине групата. Противници тогаш беа Германија, Египет, Куба, Бразил и Саудиска Арабија. „Црвено-жолтите“ го освоија петтото место во групата, 18-то на турнирот.

Второто учество на Светските првенства дојде во 2009 година. Македонија беше во групата во Вараждин со Германија, Полска, Русија, Тунис и Алжир. Втората позиција значеше продолжување во главната фаза во Задар и нови три дуели со Данска, Србија и Норвешка во кои беа забележани три порази. Во генералниот пласман најдобрите македонски ракометари беа 11-ти. Кире Лазаров со 92 постигнати гола беше прв стрелец на турнирот, но не доби место во идеалниот тим.

По пауза од четири години, Македонија обезбеди пласман и на Светското првенство во Шпанија во 20123 година. Ја мина групата со Данска, Русија, Исланд, Катар и Чиле како четвртопласирана. Во осминафиналната средба Германија беше подобра со 28:23. На крајот беше освоено 14 место.

Македонија беше дел и од последното СП во Катар во 2015 година на кое делеше група со Хрватска, Австрија, Тунис, БиХ и Иран. Пласманот на второто место носеше и меч со Словенија во осминафиналето што го загубивме со 28:30. Утеха беше деветтото место на мундијалот или во превод квалификации за ОИ во Бразил.

Покрај овие пет светски првенства, Македонија не успеа да се најде на осум други по прогласената независност. Ги пропушти мундијалите во Шведска (1993 година), на Исланд (1995 година), во Јапонија (1997 година), во Франција (2001 година), во Португалија (2003 година), во Тунис (2005 година), во Германија (2007 година) и во Шведска (2011 година).

Македонија досега на мундијалите одигра 28 натпревари. Забележа 12 победи, реми и 15 порази со севкупна гол-разлика од 777:810. Турнирот во Франција е прилика за ублажување на негативниот биланс со четири од петте противници и за победнички почеток во меѓусебните мечеви со Ангола.