Од:

Видео:Националистичката карта –џокер наспроти антикорупцискиот дискурс

Пред изборите и за време на Шарената револуција се создаде основа за обединување на граѓаните на други принципи како одговорна власт и владеење на правото, додека сега повторно се враќа фокусот на етничките поделби. Ова им одговара на партиите кои сакаат да ја дефокусираат јавноста од корупциските скандали, велат аналитичарите.

Анализата е достапна на албански јазик на следниот линк.

„Ма какви платформи, дајте работа, ни требаат пари“. Ова е генералното расположение во Старата Скопска Чаршија и плоштадот Македонија за платформите кои беа објавени во јавноста, првата на албанските партии, а потоа и повиците за правење македонска платформа. Всушност, при самото споменување на било каква политичка тема, повеќето наши соговорници реагираа дека им е преку глава од политика. Велат, состојбата во државата е веќе неподнослива и работите мора да тргнат напред.

„Ништо не им верувам на партиите, се е лага, гледаш на кој степен дојдовме.“

„Ниедна платформа мислам не е приоритет, тоа нема врска со системот. Ние си знаеме како функционира една мултиетничка држава. Или ќе ја биде или не“, велат граѓаните во нашата анкета.

По изборите и за време на преговорите за Влада, во јавниот дискурс повторно доминира „етничкото“, се игра на националистичката карта и дискусијата во многу медиуми од одговорноста за евентуалните криминали во бомбите се префрли на разговори за платформите и етничките прашања.

Политикологот Борјан Ѓузелов вели дека играњето на националистичката карта е џокер за некои партии заради губење на антикорупцискиот дискурс.

„Шарена револуција нудеше поширока основа за организирање врз база на други принципи и вредности, како отчетност, одговорна власт, владеење на правото. Таа мобилизираше различни граѓани од сите етнички заедници против аболицијата и криминалот. А сега дискусијата се сведува повторно на етнички прашања. Ова најмногу се должи на албанската платформа, која и дојде како кец на десетка на веќе постоечката националистичка реторика на страв и загрозеност за националните прашања која ја промовираше ВМРО-ДПМНЕ за цел овој период за време на кампањата и протестите“, вели Ѓузелов за НОВА.

Според него, ова во голема мера се прави за да се дефокусира јавноста од корупциските скандали кои дојдоа со бомбите.

„На партиите тоа секогаш им одговара, да не се зборува за одговорноста. На албанските партии, пред се на ДУИ најмногу им одговара затоа што тие се обидуваат да се вратат како фактор после лошите резултати на изборите, а на Балканот колку повеќе играш на картата на национализам, тоа толку повеќе пали“, додава Ѓузелов.

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека „етничкото“ било присутно кај албанските партии и во предизборието и тие теми се присутни веќе 25 години. Според него, темата за јазикот не е нешто ново и во Пржинскиот договор било разговарано за фер распределба на буџетот и целосна имплементација на Охридскиот договор.

„Враќањето на овие теми кај македонскиот политички дискурс, се поврзани со формирањето Влада, и подметнување на обвинувања, но не верувам дека тие ќе генерираат некои поголеми етнички тензии. Кога ќе се формира новата влада, секако ќе мора да има меѓуетничка соработка“, вели Муслиу.

Етничкиот момент нема никогаш да исчезне од нашето општество, бидејќи ние сме мултиетничко општество, смета професорката Мира Малевска.

„Политичкиот систем е поставен легитимно на политички и етнички партии. Во нивните програми не може да има само социјални теми оти тие не се за тоа формирани, тие се поставени да го бранат и националниот интерес на одредена етничка група. Работата е во едно демократско општество, да може да се постигне договор или компромис“, вели Малеска.

Според неа, ако преовлада граѓанскиот концепт како што тоа се случи на Шарената револуција, тој момент треба да се следи и да се поздрави но и да се истражува дали се работи само за момент или процес.

„Доколку сега другата партија формира Влада, таа ќе треба да покаже дека она што навистина го зборуваат, дека тоа и го мислат и ќе го остварат во рамки на она што го ветиле. Тогаш веќе може да збориме за нешто друго и може да се даде надеж дека општеството ќе се менува и ќе преовлада граѓанскиот концепт, но треба да видиме дали тоа ќе се случи“, вели Малеска.