Од:

(ВИДЕО) Предупредувачки штрајк на таксистите

Асоцијацијата на легални такси превозници, денеска на пладне одржа предупредувачки штрајк низ улиците на Скопје. Тие доставија неколку барања до министерствата за финансии и за транспорт, и велат доколку не им бидат исполнети барањата до 22.05.2017 ќе организираат голем генерален штрајк.

Како што информира Гоце Јаневски од Асоцијацијата, тие бараат стопирање на одлуката за воведување малус каде што се врзуваат сите возила.

Воедно во барањата кои ги доставиле до надлежните институции,  тие наведуваат дека потребни се итни измени во Законот за безбедност во сообраќајот, итни измени во Законот за превоз на патници, итно воведување ред во превозот и искоренување на нелојалната конкуренција, односно диви превозници и воведување на жолти регистерски таблички во такси превозот.

Понатаму, таксистите бараат безусловно отстранување на сетификатот за такси возачи како и одлуката за воведување англиски јазик и укинување на начинот за донесување на цена на превозот во општините и укинување на одлуката за воведување на фискални каси со ГПС систем.

– Доколку не се постапи веднаш по првото барање, ќе одржиме генерален штрајк на сите раскрсници во Скопје како и градови низ Македонија и ќе ги блокираме граничните премини следната недела. Бараме да учествуваме во сите измени и предлози на закони што ќе ги донесува идната влада, изјави Јаневски за НОВА.