Од:

ВИДЕО: Претседателот Јункер е тажен

Холандија на референдум го отфрли Асоцијативниот договор помеѓу Европската унија и Украина со 64 отсто гласови. И додаде нова карика на веќе долгиот ланец на европски кризи. Грекситот падна во заборав но кризата е далеку од својот крај, бегалската криза стана бесконечна, Брексит е закажан за јуни и сега на хоризонтот се наѕира и Нексит. За тие што уште не слушнале за Нексит, еве објаснување.

Ова е почеток на крајот на Европската унија, со радост твитна холандскиот популист Герт Вилдерс по објавувањето на резултатите од холандскиот референдум.

Неговата француска колешка Марин Ле Пен му честиташе со зборовите – браво, уште еден чекор кон Европа на нациите!

И додека едни се радуваат, други не ја кријат тагата како претседателот на Комисијата Жан Клод Јункер. Соочен со упорните новинари кои прашуваа што по ова гласање, портпаролот на Јункер, во недостиг на аргументи, ги сподели со прес салата чувствата на претседателот:

“Ме прашавте како се чувствува претседателот. Можам да ви кажам дека претседателот е тажен”, изјави портпаролот на Јункер.

Холандскиот референдум ја продлабочува европската криза. Xоландското “не” за Украина беше всушност “не” за Унијата. Холандија е еден од основачите на ЕУ па ова “не” добива подраматични димензии.

Оттаму радоста на евроскептикот Вилдерс и тагата на еврофедералистот Јункер. А таму каде што се планира распад на Унијата се наоѓа и Најџел Фараџ, познатиот британски евроскептик. Кој ги чека иницијаторите на холандскиот референдум да дојдат во Велика Британија да и помогнат да излезе од Унијата.

Референдумот не е обврзувачки но со оглед на резултатот, ниту Холандија ниту Унијата не можат да се прават како ништо да не се случило.

Премиерот Марк Руте мораше ова да го констатира и рече – договорот со Украина не може да се прифати во сегашната форма и мора да претпри промени.

Но не е во прашање само украинскиот договор. Холандската одлука може да биде заразна и да се пренесе низ цела Европа.

Неофицијалната анкета на еден белгиски медиум на пример прогнозира дека над 60 отсто Белгијци ќе гласаат за излез на земјата од Унијата. Досега на вакво прашање треба да одговорат досега само Британците на 23 јуни.

Но што ако се побројните популисти во Европа, кои деновиве и честитаат на Холандија, се изборат за референдуми од овој тип? Партијата на Герт Вилдерс се надева на пример дека тоа ќе може наскоро да го направи. Особено откако Холандија лани донесе закон според кој мора да се оди на референдум доколку 300 илјади граѓани поднесат такво барање. Тој ден сериозно ќе се постави прашањето за Нексит, излегување на Холандија од Европската унија, и иднината на европската градба. И никому нема да му биде гајле за тагата на Јункер.