Од:

(ВИДЕО)Сведоштво:“Тргувал ли гинекологот со моите јајце клетки“

Случајот со гинекологот кој девет месеци манупилирал и лажел пациентка дека е бремена отвора сомнеж дали постоела злоупотреба на јајце клетки и ембриони.  Приказната која пред камерата на НОВА ја обелодени млада жена, може да ја прошири истрагата на тоа што с е случувало со материјалите од сопружниците и ембрионите кои биле замрзнувани.

Испровоцирана од случувањата и големиот број на пациентки кои се пожалија на гинекологот Никола Дамчевски оваа 36 годишна жена раскажа зачудувачки детали кои можат да ја насочат истрагата во друг, нов правец. Таа пред пет години одлучила да донира јајце клетки за своја блиска пријателка која се борела со стерилитет. Процедурата ја работел гинекологот Никола Дамчевски во поранешната болница „Св. Лазар“.

„Процедурата ја работеше гинекологот Никола Дамчевски, заедно со медицинската сестра Лиле која беше со него во салата. Кога се разбудив, сестра Лиле ми кажа дека ми биле земени 17 јајце клетки, а по два дена соопшти дека биле оплодени шест. Од шесте ембриони три беа ставени кај мојата пријателка, а три останаа замрзнати. Сакам да знам што се случило со останатите 11 јајце клетки и трите замрзнати ембриони, каде се тие. За цело време се прашувам дали некаде имам потомство или пак се можеби фрлени, дадени на некоја друга жена и злоупотребени“, раскажува пред камерата на НОВА оваа млада жена.

Таа е медицинско лице и добро ја познава оваа проблематика со вештачкото оплодување. Знаела дека за да донира јајце клетки ќе биде подложена на хормонална терапија, но не очекувала дека гинекологот Дамчевски ќе и даде толку агресивна и силна терапија. Почнала да се чувствува лошо и ден-два дена по процедурата отишла на Клиниката за трансфузиологија каде и биле констатирани високи вредности на одредени фактори.

„Ме викна лекарката и ме праша како е ова можно, како сум уште жива. Јас сум била темпирана бомба од толку многу  хормонална терапија во себе. Тогаш лекарката ми даде инјекции против коагулација на крвта кои ги примав три месеци,“ изјави оваа жена.

Таа тврди дека последиците од силната хормонална терапија ги почувствувала и подоцна кога останала бремена со нејзиниот син. Бебето морало да биде извадено со провокација, се родило со многу мала тежина, било во тешка состојба.

„Имам син кој е роден во 31 гестациска недела, ме препратија на клиника за да го извадат со провокација. Лекарот ми рече дека можело да заврши фатално бидејќи немало доток на крв од главната артерија што води до бебето. Поради тоа бебето слабееше, се роди со ниска гликемија, со многу мала родилна тежина, фала му на господ што сега е добро“, раскажува оваа жена.

Но, приказната не завршува тука. Поради одреден здравствен проблем таа во една прилика, пред да остане бремена, го побарала гинекологот Дамчевски.

„ Отидов кај него бидејќи ние се познаваме од порано. Се уште не се сомневав во него. Мислев ќе ми даде некаква терапија.  Легнав да ме прегледа но, тој се обиде сексуално да ме злоупотреби , по што избегав, ја напуштив ординацијата“, рече таа.

После подолг период од овие случувања, гинекологот и се јавил повторно и ја прашал дали сака да даде јајце клетки за некоја жена од Бугарија, но дека овој пат ќе и биде платено, ќе добие финансиски надомест за се тоа.

„ Дамчевски ми рече дека ќе ме однесе во Бугарија, таму да се направи пункцијата. Но, јас одбив бидејќи и првиот пат јајце клетки донирав од хумани причини, а не да се прави трговија со тоа“, изјави нашата соговорничка.

Таа вели дека истрагата за гинекологот Дамчевски може да отвори многу работи кои мора да се расчистат.   Да се открие што се се случувало со жените кои биле злоупотребени на разни начини. Таа сакала случајот да пријави и во полиција, но за се ова вели дека не добила медицински извештај, ниту има пишан документ. Усно и било кажано за тоа дека се замрзнати три ембриони и дека останале 11 јајце клетки.

Инаку, на црниот пазар или во земјите каде што е дозволено една јајце клетка чини околу 5 000 евра.

По се ова, обвинителството освен за првата пациентка која поднесе кривична пријава засега нема отворено истрага за други случаи. Не се знае ниту што станало со случајот со друга пациентка за кој Министерството за здравство имало формирано комисија пред четири години. По истрагата на здравствените власти, случајот стигнал во обвинителство, но што се случило понатаму останува мистерија.

 

 

 



Comments are closed.