Од:

Видео: Заев не дојде на суд, судењето за „Поткуп“ одложено

Рочиштето за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска се одложи за 3 април, поради тоа што Заев не се појави пред судот.

Според неговата одбрана, Заев не бил во земјава и бил на пат во Сараево каде што треба да му биде врачена наградата за најдобар градоначалник во Југоисточна Европа.

На рочиштето не дојде ниту сведокот на обвинителството, Иван Николов Сачевалиев.

Еден од адвокатите на Заев, Јаким Наумов за медиумите изјави дека случајот „Поткуп“ во пракса ги покажува сите местени случаи кои се споменуваат во сите извештаи за судството во Македонија.

„Му беше истечен мандатот на обвинителот Владимир Милошевски во меѓувреме направен е преседан, прв пат јавно обвинителскиот совет има по втор пат определено навремено време, јавен обвинител за организиран криминал, тоа е Милошевски. Досега праксата беше само еднаш, сега зошто и како го направиле тоа знаат оние кои постапувале“, рече Наумов.

Според него, републичкото јавно обвинителство, го одбило предлогот на Управниот суд за изземање на главниот обвинител Златко Биковски. На решението нема право на жалба.

Во случајот лидерот на СДСМ, Зоран Заев се товари за барање и примање поткуп од струмичкиот бизнисмен Сачевалиев, кој истовремено е главен сведок. Според обвинението, Заев од бизнисменот побарал 160 илјади евра, додека тој тајно го снимил.