Од:

Вишок “Пaтриотизам”

Најлицемерно од се е тоа што овие луѓе се повикуваат на некои национални чувства кога креираат државни политики кои единствено за нив лично се успешни и благодетни, додека пак народот тоне во сиромаштија и во јавни долгови

ВИШОК “ПАТРИОТИЗАМ”

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитет на Југо-Источна Европа

Деновиве учествував на една меѓународна конференција во Тирана која се однесуваше на борбата против корупција. Учесниците од балканските земји се дополнуваа едни со други кога зборуваа за корупцијата во своите земји и проблемите поврзани со обидот истата ефикасно да се гони, додека пак учесниците од подалечните земји вџашено слушаа за нашите маки, а откако ќе се соземаа од тоа што го зборувавме, поставуваа по некое прашање за тоа како мислиме да го најдеме патот за излез од ситуациите со кои #реално се соочуваме. Објаснувањето главно укажуваше дека излезот се очекува од изборните резултати, од кои зависи дали нешто воопшто ќе се измени или пак неказнивоста и свесното заробување на државните институции ќе продолжи непречено да функционира.

Но тоа што ми остави посебен впечаток во оваа конференција беше средбата со девојката која го претставуваше Универзитетот на Сасекс од Велика Британија (University of Sussex, UK), која беше од Кавадарци. Ми објасни дека е студент во докторски студии при споменатиот универзитет каде што исто така е вработена со полно работно време. Беше добро ситуирана, убаво напредуваше во своите студии а и работата супер и одеше, се занимаваше токму со студирање на корупцијата, работеше во посебен центар за проучување на овој феномен и беше дел од неколку меѓународни проекти од оваа област. Ја прашав дали одлучила да се отсели од Македонија заради невозвратена љубов, и почна да се смее, знаејќи точно на што алудирам. Како и многу други, и таа се преселила од нејзината матична држава во потрага по нормален живот.

Нормален човек во потрага по нормален живот, тоа е реалноста на превисокиот одлив на млади луѓе што ни се случува. Потрага по нормален живот, каде што човекот без да има партиска книшка успева да наоѓа работа, вистинска работа, која одговара на неговите способности и квалитети. Нормален живот каде без да познава некого успева да се запише на факултет и да добие стипендија. Нормален живот каде што се добива вистинска плата со вистински бенефиции и вистинска социјална заштита. Нормален живот во кој што човекот не се плаши да создаде семејство, бидејќи знае дека ако детето се разболува ќе добие вистинска здравствена заштита за која пак, не мора никого одблиску да познава. А кога детето ќе порасне ќе има кај да го носи во градинка а потоа и во училиште без да се плаши дека кровот на училиштето ќе падне врз него, ниту пак дека ќе му биде ладно во зима. Нормален живот, во кој човек ќе знае дека за своето дете ќе има перспектива ако истото ќе вложи труд во својот интелектуален напредок.

Ете, по таков нормален живот девојката од Кавадарци отишла во Велика Британија да работи и да студира. Барајќи таков нормален живот и двајца колеги од мојот факултет заминаа во странство, еден во Велика Британија, друг во Кувајт. По таков нормален живот мојот другар се пресели во Шведска каде денеска е успешен во својата кариера, има прекрасно семејство и напредува во својата област. По таков нормален живот заминуваат секоја година многу мои студенти на кои не ми преостанува друго освен да им напишам убави препораки.

Забележувам дека по таков нормален живот најупорно трагаат младите кои имаат интегритет, кои се работливи луѓе, добро образовани и со познавање на странски јазици, кои многу полесно се интегрираат во некоја “нормална” држава, а притоа не сакаат да молат за услуги кои и така ги заслужуваат дома, во нивните краеви. Трагаат по нормалност, не бегаат од невозвратена љубов, како што се тврдеше во одредени “истражувања”. Трагаат по нормалноста која во нашата држава одамна е луксуз кој тешко може да се достигне.

Враќајќи се дома од конференцијата гледав како социјалните мрежи се поплавени со “патриотски” содржини. Во екот на предизборната кампања вријат штабовите од епски песни пеани де на албански де на македонски: мажишта пеат едногласно за некои големи победи над “другите”, еден лидер им кажува на своите следбеници дека нема да дозволи двојазичност бидејќи тоа значело федерализација и разнебитување на државата, додека пак друг јасно се труди да воспостави контрола над гласовите на една цела етничка заедница; еден носител на избирачки список вика АЈДЕЕ, а другиот УЧК, УЧК, и на крајот доаѓа и Курц и се вклучува во целиот тој луд надреализам и го подржува истиот… и конечно човекот сфаќа дека тие што имале малку здрав разум во главата, одамна го напуштиле овој луд борд и го оставиле да тоне во своите лудории.

Најлицемерно од се е тоа што овие луѓе се повикуваат на некои национални чувства кога креираат државни политики кои единствено за нив лично се успешни и благодетни, додека пак народот тоне во сиромаштија и во јавни долгови. Какви се тие патриотски политики кога младите луѓе не можат да најдат работа без партиска книшка и партиски познаници додека пак во други земји тоа сосема успешно го реализираат? Како е можно човек кој треба во странска земја да се чувствува како туѓинец, таму да се чувствува сто пати подобредојден од својата матична змеја? И не само добредојден, туку и ценет, успешен и сигурен? Какви патриоти сме ние ако младината не напушта секој ден, се посилно, во потрага по нормалност? Какви патриоти сме ние кога најпаметната инвестиција за секој млад човек е бегање од сопствената држава што е можно порано и подалеку? Каква е таа држава која нема гајле за своите ученици, студенти, болни лица, невработени, социјалци? Каква е таа држава во која институциите не функционираат па се живее според принципот снајди се па живеј?

Така, драги хард-кор партијаши вие само продолжете да пеете патриотски епски песни по партиските штабови во предизборната ноемвриска еуфорија. Не заборавајте дека чувствата поврзани со националниот идентитет не се идентични со вашите партиски имиња и слогани, па така, престанете веќе еднаш истите да ги злоупотребите! И не се чудете што бројот на луѓето околу вас се намалува од избори во избори. Бегаат луѓето, да ја најдат нормалноста и да живеат живот што вашата држава-партија не може да им обезбеди.

За помалку од две недели, ќе видиме дали таа нормалност воопшто е можно да заживее во Македонија, или пак сите ќе треба да станеме попаметни и да фатиме по некој авион, од тие кој останаа да летаат од великанскиот аеродром.