Од:

Владата ги поништила сите решенија на министрите од СДСМ

Владата донела одлука за поништување на сите правни акти на министрите од СДСМ донесени пред поднесувањето на оставките, соопштија министрите и замениците од СДСМ на денешната прес-конференција.

Според нив ова е незаконска одлука и прекршување на Договорот од Пржино и велат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги прават изборите невозможни.

– Ова е техничка влада за спроведување на фер избори. Сите одлуки поврзани со изборите мора да бидат потврдени од опозицијата. Ова е директна потврда и доказ дека тие немаат намера да организираат регуларни, фер и демокраски избори, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Според него се работи за одлуки кои не се поврзани со изборите но сепак за сите одлуки поврзани со техничката влада, надлежна за нивно поништување има Државната изборна комисија а не Владата.

Спасовски дополни дека со ова, Владата на чело со Емил Димитриев извршила удар врз ДИК и тој побара одговор од техничкиот премиер зошто ги пречекориле овластувањата.

Како што напомена министерот, Владата ги поништила одлуките со образложение дека не се потпишани од дополнителните заменици-министри, Митко Чавков и Диме Спасов.

Според него, нивниот потпис е неопходен само за прашања поврзани со изборите.

Тој соопшти дека бидејќи не се констатирани оставките на министрите од СДСМ тие ќе ги потпишуваат документите кои исклучиво се поврзани со исплата на плати, пензии и социјална помош.

Од Владата пак велат дека поништени се решенија за разрешување и именување директори во Меѓуопштинските центри за социјална работа, комисии во министерството, како и советници и други државни службеници.

Во информацијата на Владата како образложение се посочува дека Ременски со ваквите кадровски прераспоредувања го прекршила Законот за Владата на РМ.

Во законот е утврдено дека дополнителниот заменик министер заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

Во МВР се поништуваат 447 решенија за распоредување, именување и разрешување на работници, донесени од страна на министерот Оливер Спасовски. Исто така, во предлог заклучокот се посочува дека се поништуваат сите десет измени на Правилниците за систематизација на работните места во Бирото за јавна безбедност и во организациските единици на министерството, кои ги донел Спасовски.

Се наложува воспоставување на претходната состојба во Министерството за внатрешни работи каква што била пред донесувањето на посочените Решенија за распоредување, именување и разрешување на работници во Министерството за внатрешни работи и Договор за вработување на неопределено време во Министерството за внатрешни работи.